fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Диви откупувачи ќарат врз маката на преспанските овоштари

Има многу кои се јавуваат како откупувачи но не склучуваат договори за откуп. Штом нема договор тоа е веќе проблем, вели Менде Ивановски претседател на задругата на овоштари „Ресгруп“ од Преспа.

Диви трговци бараат да го откупат родот на преспанските овоштари, а да не платат. Измамите на дивите откупувачи се провлекуваат со години, па има овоштари кои си ги чекаат парите за неколку берби наназад. Годинава во Преспа има квалитетен род  од околу 120 илјади тони јаболка. Петнаесет проценти од јаболката се екстра класа, 75 проценти прва класа, а останатото е втора класа. Екстра и прва класа од сортите црвен делишес и муцо е до 18 денари, а за златен делишес од 16 до 18 денари.

Преспанските овоштари бараат сигурен и стабилен откуп на јаболката.

-Диви или не, има многу кои се јавуваат како откупувачи но не склучуваат договори за откуп. Штом нема договор тоа е веќе проблем. Дел од фирмите кои откупуваат јаболка не плаќаат со изговор дека и нив прво треба да им плателе, па потоа и тие да платат, вели Менде Ивановски претседател на задругата на овоштари „Ресгруп“ од Преспа како и претседател на македонската асоцијација на земјоделски задруги во државата.

Дека дивите трговци ги искористуваат законските дупки и трудот на овоштарите, за медиумите потврдува и Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.

-Диви трговци ја паѓаат цената на јаболкото, а со години не им плаќаат на овоштарите, па должат милионски суми. Отвораат фирма оваа година, ја затвораат, па догодина друга фирма, таа должи обврски кон еден куп овоштари кои не ја разбираат проблематиката и остануваат со кратки ракави, не им ги исплаќаат откупените јаболка, вели Пампулевски.

Сигурниот пласман на јаболкото е регулиран со Законот за рурален развој

-Решение има тоа е Законот за рурален развој во делот за откуп на земјоделски производи го има решено овој дел. Но за жал, никој на терен не се придржува тоа тоа, вели Ивановски во разговор за „Зелена берза“.

***

Откуп на земјоделски производи Член 31

(1) Откуп на земјоделски производи, освен тутун, се врши во вид на трговија на големо, откуп за преработка на земјоделски производи и откуп за сопствени потреби доколку се врши на откупно место согласно одредбите од овој закон, а за се што не е уредено во овој закон согласно со Законот за трговија.

(2) Откуп на земјоделски производи можат да вршат само правни лица кои се регистрирани за преработка на земјоделски производи и правни лица кои се регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи и запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи што се води при Министерството

                                                            ***

Преспански овоштари напатени со години спасот го гледаат во земјоделските задруги, се надеваат дека здружувањето ќе им обезбеди посигурен пласман на македонското јаболко и не само тоа туку и пласман на странските пазари зошто во Европската Унија и на Балканот побарувачката за јаболка е голема, со оглед на сиуацијата со здравствената криза.

Годинава во Преспа се отворени уште четири нови задруги.

-Во моментот во цела Европа родот на јаболка е помал, па побарувачката е голема. Цените се движат од 14 до 20 денари за килограм јаболко од екстра класа. Ова е најава за добра година за продажба на јаболката. Овоштарите ќе бидат задоволни ако продолжи овој тренд. Продажбата до последен килограм би требало да е до март или април. Да не го пропуштиме рускиот пазар кој до јануари би можел да го проголта целото јаболко, доколку нема одредени бариери, вели Пампулевски.

Владата префрли 80 милиони денари за обештетување на преспанските овоштари

Oд Буџетот на Република Северна Македонија, трансферирани се скоро 80 милиони денари на општина Ресен, за обесштетување на граѓаните погодени од невремето во 2019 година во Долна Преспа. Општина Ресен, во законскиот рок од еден месец ќе го изврши обесштетувањето на граѓаните.

Од Општината соопштија дека во знак на благодарност поради залагањата и напорите за обесштетување на земјоделците од преспанскиот регион, градоначалникот Живко Гошаревски, на премиерот на Владата на Република Северна Македонија, на вчерашната средба му додели плакета „Преспански јаболкобер 2020“.

-Оваа мерка на Владата на Република Северна Македонија, претставува вистинска поддршка и помош за земјоделците, кои и покрај големиот труд и напори не успеаа да го соберат родот на преспанско јаболко, од кое производство зависи развојот и економскиот раст на Ресен и Преспа, соопштија од Општината.

А.Блажевска

 

Слични написи

Back to top button
Close