Македонско замрзнато јагне, на пазарот во Кина
Потпишан протокол
Во Агенцијата за храна не даваат детали за договорот и за количината која би завршила од следната година во Kина и информираат само дека директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, со претставници од Генералната администрација за надзор на квалитет, инспекција и карантин на Народна Република Kина, потпишал протокол за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар.
– Со протоколот договорени се здравствени барања за карантин кои треба да се исполнат за извоз на замрзнато јагнешко месо на кинескиот пазар, одговорностите на Агенцијата за храна и ветеринарство во делот на вршењето на инспекцијата, карантинот на јагнињата кои ќе бидат наменети за извоз, како и за издавањето на здравствените сертификати – велат во Агенцијата.
Од таму објаснуваат дека во наредните денови Агенцијата ќе оствари средби со претставници од здруженијата на кланичарите и сточарските здруженија, со кои ќе се разгледаат деталите од протоколот и ќе се дефинираат идните чекори за реализација на извозот на замрзнато јагнешко месо на пазарот на Народна Република Kина.
Значителен девизен прилив
Официјалните податоци велат дека Македонија на традиционалните пазари извезува од 2.000 до 2.500 тони јагнешко месо. Вкупниот годишен девизен прилив од извозот на јагнешко е од 11 до 15 милиони евра. Нашето јагне секоја година завршува на традиционалните пазари како Италија, Грција и Хрватска. И в година се очекува извоз на околу 270.000 јагниња за цена од 150 денари жива мера.
Во 2014 година вкупниот извоз на јагнешко месо изнесувал 2.713.890 килограми, односно на странските пазари биле пласирани над 270,3 илјади јагниња, а слични количини – 2.748.201 килограми, односно повеќе од 272 илјади јагниња се извезле и во 2013 година.
Вкупниот извоз на јагнешко месо во 2012 година изнесувал 2.526.700 килограми, односно приближно 220 илјади јагниња.
Досега на италијанскиот пазар се пласира само млечно јагне старо од 25 до 40 дена. Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, лани во зимскиот период се извезени над 30.000 јагниња, а за в година, ако се оди според планираното, бројката треба да биде далеку поголема.