Македонското јагне заврши на италијанскиот, бугарскиот и грчкиот пазар
Сточарите не се задоволни од цените!
Македонското јагне и оваа година заврши на италијанскиот, бугарскиот, грчкиот пазар, но сточарите не се задоволни од цената, пишува Фактор.
Велат дека за да им се исплати трудот, цената за килограм треба да изнесува 250 денари, затоа што сточната храна е поскапена, работата е макотрпна, а во последно време многу тешко наоѓаат овчари кои би се грижеле за стадата. Скендер Аме од Здружението на сточари Даши од Дебар објаснува дека оваа година за нив е полоша од ланската. Вели дека цените на храната нагло пораснале, но тоа не е случај со цените на јагнињата кои минимално се зголемуваат од година во година.
„Околу 70 до 80 отсто од јагнињата во дебарско се продадоа во Италија, Бугарија, а дел и во Грција, но не сме задоволни од цената. Околу 50 отсто од јагнињата се продадени по цена за 160 денари за килограм, а дел добија по 170 или 185 денари за килограм. Другите јагниња очекувам дека ќе се продадат во Хрватска и на домашниот пазар. Сите го бараат нашето јагне затоа што е евтино, а квалитетно и можам да кажам дека имаме поквалитетно јагне од другите балкански земји. Сточарите треба да остават најмалку 20 отсто подмладок за одржување на стадата, но има и такви кои ги намалуваат или се откажуваат, по што заминуваат да работат во Германија или во некоја друга европска земја. Лани во дебарско имаше 40.000 грла овци, а сега немаме уште нови податоци, но очекуваме дека бројот на грла е намален и е околу 35.000. Бројот на сточари во дебарско е до 140, а во минатото достигнуваше и до 200“, вели Аме.
Додава дека македонското јагне е квалитетно поради начинот на кој се одгледува и храна.
И во источна Македонија бројот на сточари се намалува. Велат причината е што работата не се исплати.
„Јас имав 200 овци, и ги продадов сите одеднаш. Причината е тоа што не се исплати, има многу работа, храната е скапа, пласманот не е сигурен, и веројатно има и други како мене кои се откажуваат и одат да работат во странство“, објаснува сточар од беровско.
Луѓето кои се занимаваат со одгледување на овци, велат дека државата мора повеќе да го стимулира сточарството.
„Сточарството и земјоделското кај нас се паднати на нула. Мора да има поголеми стимулации. За пример, гледав емисија за тоа како Србија ги стимулира сточарите. Во минатото во беровско во две села имаше по неколку илјади овци, а денес бројката е пет пати помала и не само тоа, туку и селата се испустија“, додава друг сточар од околината на Берово.
Неодамна имаше реакции во Бугарија и на оваа тема. Тие тврдеа дека бизнисот на одгледувачите на овци во Бугарија е загрозен од евтиното јагнешко кое кај нив се увезува од Македонија. Според бугарски сточари, причина за поевтиното јагнешко месо од земјава е тоа што македонските производители добиваат субвенции од државата.https://faktor.mk/makedonskoto-jagne-zavrshi-na-italijanskiot-bugarskiot-i-grchkiot-pazar-no-stocharite-se-nezadovolni-od-cenite