вести

Министерот Николовски на средба со земјоделците од истокот

nikolovski

Измените на Законот за земјоделство и рурален развој за воведување на новата мерка, а тоа е користење на зелената нафта в понеделник влегуваат во собраниска процедура, најави денеска од Штип, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

– Тоа ќе се имплементира и како што наведовме во законот преку нови зелени карти, кои што ќе ги добијат земјоделците, а на кои ќе има средства и ќе ги користат за поевтина земјоделска механизација. Со тоа драстично во наредниот период ќе бидат намалени производствените трошоци на земјоделците, рече Николовски.

Според денешните податоци од Министерството за финансии платите во земјоделството се зголемени за 12,75 отсто, истакна Николовски на денешната средба со земјоделците и сточарите од источниот регион.

– Ова се најнови податоци денешни од Министерството за финансии, кои што покажуваат дека платата во овој сектор просечно во минатиот месец јануари 2018 година била 16.700 денари, а во истиот месец оваа година е 18.800 денари. Владата цврсто ќе биде насочена кон развој и модернизација на овој сектор, земјоделците да живеат многу подостоинствен живот, да ги убедиме младите да останат во Македонија и да им ги отвориме сите можности, вели Николовски.

Тој пред земјоделците и сточарите забележа дека нивна клучна цел е исплата на субвенциите и да се отстранат сите можности за нивни злоупотреби. Во изминатите 10 месеци, како што рече Николовски, се насочиле кон исплатата на сите заостанати субвенции и редовна исплата на субвенциите според предвидените рокови. Смета дека навремената исплата на субвенциите ќе придонесе и за зголемено земјоделско производство.

– Оваа година сме и цврсто насочени кон голема искористеност на средствата од ИПАРД фондовите и сметам дека тоа ќе биде и една од најуспешните политики на Владата со цел модернизација на целокупното земјоделско производство. Преку ИПАРД проектите и со поддршка на Европската унија започнавме и крупни проекти за окрупнување на земјоделското земјиште. Законот за консолидација веќе е во собраниската процедура, за реонизација, за земјоделски задруги и нивна директна поддршка, но и за рехабилитација и изградба на нови системи за наводнување, рече Николовски.

Прашан зошто се уште не се исплатени штетите од минатогодишниот априлски мраз кои земјоделците ги пријавија, Николовски со одговор дека точно е дека се уште не се исплатени штетите, бидејќи станува збор за обемна постапка. До нив пристигнале над 16.000 барања од земјоделците.

– Работиме на комплетирање на целата оваа постапка. Постапката е завршена на ниво на подрачни единици, направени се проценките, обработени се проценките од Бирото за судски вештачења што беше еден од клучните проблеми, поради непостоењето на доволен капацитет и кадар, кој ќе биде вклучен за да обработи толкав голем број барања. Но, ја завршивме постапката на ниво на министерството. Владата во вторник ќе го утврди процентот на штети и веднаш после тоа ќе биде реализирана исплатата. Средствата за исплата на штети стојат во програмата, односно во Платежната агенција и ние навистина целата таа постапка ќе ја забрзаме, рече Николовски.

Тој додаде дека работат и на комплетно нов систем на заштита од климатските промени, со цел земјоделците да се адаптираат на климатските промени, за што, како што рече Николовски, вчера и ги најавиле со премиерот Заев.

Претседателот на Асоцијација на земјоделци, Ефтим Шаклев вели дека земјоделците и сточарите позитивно гледаат на ваквите средби кои ги орагнизира ресорното Министерство, а на кои можат да ги презентираат проблемите, но и да се понудат решенија и мерки за нив.

– Сега ни е и во план да имаме средба наскоро и со сточарите, производителите на јагниња и овчко млеко, бидејќи тие се соочуваат со навистина сериозен проблем и нема многу време за чекање, туку во најкраток временски период мора да се најде решение за состојбата во сточарство, вели Шаклев.

Во источниот регион во моментов јагнето на откупувачите им се продава по 140 денари за килограм жива мера, што е и крајно ниска и неисплатлива цена за сточарите.


 

a1on

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close