fbpx
ВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Марина Магловска: Руралните жени не само што се вредни туку се и добри организатори

Успешен земјоделец е оној кој успеал не само да го задржи наследеното земјоделие од своите предци туку да го прошири и да го направи одржливо.

 

Марина Магловска од с. Ново Змирнево  општина Битола, успешно го следи  патот кој одамна го врват нејзините  најблиски. Родена во с. Црнобуки во фамилија каде земјоделието е нешто свето. Она што го  научила продолжила да го применува  и да го усовршува  во фамилијата на нејзиниот сопруг Роберт. Таа е регистриран земјоделец и својата егзистенција и иднина ја гледа токму во земјоделието.

-Завршив за рударски техничар, но никогаш не се вработив по струката и цел живот работам земјоделие. Може да се живее од земјоделие , ама треба многу работа. Навикнати сме. Искуството го направи своето и сега сè работам. Еднаш ако згрешиш другиот пат ќе погодиш. За среќа имав од кој да учам, има  искусни земјоделци, а и стручни лица од АПРЗ со кои можеш да се консултираш и да постигнеш успех. Заедно со сопругот работиме, а веќе и децата се вклучуваат и помагаат.  За разлика од минатото во денешно време на жената не се гледа само како работник, туку таа е многу повеќе од тоа. Жените се многу вредни и добри организатори, вели за Зелена берза Марина.

 

Пипер, домати и тутун се културите на што овој период интензивно работат. Временските прилики се тие што не можат да ги контролираат и понекогаш им прават  „зијан“. Пролетните мразеви им направиле многу штета на расадите така што биле принудени да се снаоѓаат  и да купуваат расад од други земјоделци. Задоволни се од досегашното искуство и постигнатите резултати со градинарските култури и тутунот, па затоа продолжуваат и оваа година. Посветената работа и  упорноста се исплаќаат. Марина  се обидува да ги следи и новите трендови во земјоделието.

-Успеавме да завршиме со расадувањето на пиперот и доматите. Ги одгледуваме на старомоден начин. Бидејќи станува збор за храна која и ние ја јадеме, се обидуваме да не употребуваме хемија. Најчесто користиме арско ѓубре, а хемијата ја сведуваме на минимум. Иако сме блиску до органскиот начин на производство, заради големите работни обврски не сме сториле ниет да добиеме сертификат за органско производство. Тутунот е најтежок за работа, ама исто толку е тешко и наоѓањето на аргати кои ни се потребни околу самата берба. Ама е исплатлив. Сепак ова не значи дека не ги следиме новите трендови во земјоделието. Сакам да пробаме и нешто ново. Од есен планираме на 2000м2 да посадиме жалфија. Ова е нешто ново не само за нас туку и во целава држава. Предизвикот е голем.  За информации околу сите потребни агротехнички мерки  за нејзиното одгледување не воведе Петар Андонов советник во АПРЗ. Присуствував на повеќе инфо сесии каде се запознав со вообичаените  работни обврски од подготовка на почвата, ѓубрење, производство на расад, подигнување на насад , контрола на плевели, заштита на штетници и болести, наводнување, жетва  и складирање. Расадот е во подготовка  па ќе видиме како ќе се одвиваат сите работи, објаснува Марина.

Бидејќи целото семејство е посветено на земјоделието  набавката на соодветна земјоделска механизација е битен момент на кој посветуваат големо внимание. Како жена земјоделец Марина  ја искористила можноста да аплицира за користење средства од  ИПАРД Програмата  за  да го набави она што е неопходно во земјоделското производство. Приколка, плуг, брана, тањирача, машина за садење пипер и пченка  е механизацијата што ја набавила и сега ги чека од платежната агенција да дојдат во контрола за да може да направи поврат на инвестираните средства. Има многу работа но со добра организација може да се стигне сè, дури и да се оди на одмор. Марина многу ја сака хортикултурата така што и она малку слободно време што го има го користи околу цвеќињата и средувањето на дворот во куќата што ја имаат во г.Оризари. Свесна е дека како жена ја има улогата да го пренесе своето знаење и традицијата  на своите деца. Задоволна е од  она што го има постигнато. Нејзината ќерка Христина одлично се снаоѓа во земјоделието. Сега на крстопат е каде да го продолжи своето високо образование, но едно е сигурно дека ќе го следи примерот на нејзината мајка дека работата и упорноста секогаш се исплатуваат и дека оној што работи земјоделие никогаш нема да остане гладен.

-Да се биде жена која води земјоделие во денешно време, воопшто не е едноставно. Предизвиците се големи што не значи дека нема и убавини. Тој што не работел земјоделие не може да ги почувствува и не знае што значи тоа, рече Марина на крајот од разговорот со Зелена берза.

П.Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close