Мечка убила и изела шест овци во трло во гостиварското село Равен
На терен излегла екипа од Полициската станица Гостивар, а по утврдувањето на состојбите следни чекори се очекува да преземат надлежните министерства, институции, јавни претпријатија и Општина Гостивар, велат од ЦУК
Мечка пред два дена убила и изела неколку овци откако влегла во трло кај селото Равен, Гостиварско, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што информираат оттаму, случајот бил пријавен синоќа во 20:45 часот на единствениот број за пријавување итни случаи 112.
На видеоснимките што ги испратија од ЦУК, а кои сведочат за нападот, може да се види штетата што ја предизвикала мечката, но поради сензитивната содржина не ги објавуваме.
„Пријавителот информирал дека пред два дена, на 11 јуни во вторникот, мечка му убила и изела шест овци. Трлото, каде што го чувал стадото, било на периферијата на село Равен“,
се вели во информацијата од Центарот за управување со кризи.
По пријавата на случајот, на терен излегла екипа од Полициската станица Гостивар, а по утврдувањето на состојбите следни чекори се очекува да преземат надлежните министерства, институции, јавни претпријатија и Општина Гостивар.