МЕД апелира да не се уништуваат кафезите-замки за истражување на балканскиот рис
Македонското еколошко друштво (МЕД) соопшти дека добиле фотографии од рисот Лиса, деветта заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис, кои систематски ги спроведува од 2010 година.
Од МЕД наведуваат дека е вистинска радост кога жители од мавровските села ќе им јават дека виделе рис и кога ќе им испратат слики од рис што Друштвото ги следи подолго време со ГПС-околувратник.
– Деновиве добивме прекрасни слики од рисицата Лиса, деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година. Станува збор за здрава единка, стара околу седум години, изјави Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.
МЕД соопшти и за негативна вест поврзана со нивните истражувачки активности – во месноста Суви Дол, Кичевско, целосно е уништена кафез-замка поставена за научно-истражувачки цели.
Уништена е од несовесни граѓани, наведува МЕД, и не може повторно да се употреби за следна мониторинг-сесија на балканскиот рис.
– Досега сме немале вакво искуство. Апелираме до граѓаните што се движат во планина дека овој тип на замки е наменет исклучиво за научно-истражувачки цели и следење на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Случајот ќе го пријавивме во полиција и се надеваме дека надлежните ќе поведат постапка против сторителите, додаде Меловски.
Вакви кафез-замки се поставени на повеќе локации во Националниот парк „Маврово” и надвор од него и, како што наведуваат од МЕД, тие се од непроценлива вредност за стекнување нови сознанија за ова ретко животно кое МЕД активно го проучува и заштитува од 2006 година.
Извор:Канал5