Мерки за адаптација во земјоделството
Климатските промени се вистинска закана за одржливиот развој на земјоделството. Иако земјоделството е комплексен и веќе развиен сектор, се уште зависи од топлината, сончевата светлина и водата, како основни фактори за раст на културите. И покрај одредени придобивки што можат да произлезат од продолжувањето на сезоната на вегетација на културите и повисоките температури, сепак, ќе се појават низа негативни влијанија, меѓу кои: намалени количества вода и зголемен број и фреквентност на екстремни временски услови.
Мерките за адаптација се преземаат или се планираат заради заштита од природните непогоди, заштита на животната средина и одржливо управување со ресурсите, како и поради адаптирање кон климатските промени. Овие мерки се повеќе наменети за намалување на чувствителноста кон моменталните климатски варијации отколку за заштита од појавата на екстремни временски услови што ќе се случат во иднина.
Мерки за адаптација кои можат да се применуваат во земјоделството се:
-промена во одгледувањето на културите (плодоред, избор на култура отпорна на штетници и високи и ниски температури, менување на агротехничките мерки);
– рационално користење на водата (собирање на дождовната вода, воведување систем капка по капка, наводнување со оросување, ноќно наводнување за да се спречи испарување);
– формирање гранично зеленило и буфери (баз, плетер, фашина, габија) за да се спречи однесување на плодниот слој од почвата со ерозивни процеси или поплави;
– благосостојба на животните (вакцинација на добитокот и на дивите животни заради намалување на ширењето на зарази, зголемување на количествата на кал со цел да се заштитат свињите од сонцето, поставување заштитно зеленило за животните, за одгледување овци – промена на расите и практика на стрижење);
-намалување на прекумерната испаша на пасиштата заради заштита од ерозија и поплави;
– правилна обработка на почвата (орање по изохипси);
– зголемување на површините под шума и гранично зеленило во земјоделските региони;
-додавање органски материи во глинестите почви тешки за обработка во влажни услови;
– воведување опрема за обработка која ги подобрува аеробните својства на почвата и ги минимизира ефектите од поплавувањето;
– намалување на испуштањето на азот преку ефикасно користење на ѓубривата;
– промени во начините на третирање и обработка на угарите и мулчирање на почвите заради зачувување на влажноста и органските материи;
– намалување на бројот на домашните раси и воведување раси што се поотпорни на суша;
– одгледување на брзорастечки култури за да се максимизираат приносите;
– напуштање на одгледувањето на монокултури.