Мицкоски вели-Лозарите се задоволни од откупот на грозјето според информациите што ги добивам од терен
Со повисока откупна цена на грозјето да ги стимулираме земјоделците
Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека откупната цена на грозјето годинава е рекордна и е за 25 проценти повисока од минатогодишната, но ги охрабрува винарските визби да ја зголемат дополнително за да се стимулираат земјоделците.
-Лозарите се задоволни од откупот на грозјето според информациите што ги добивам од терен, секогаш може подобро. Откупната цена за вранецот, смедеревката од 19, 22, 23 денари е рекордна, историска, 25 проценти повисока од минатогодишната. Би ги охрабрил винарските визби да ја зголемат цената ако нивните бизнис планови дозволуваат, изјави Мицкоски.
Годинава родот е 65 до 70 милиони килограми грозје, а со стимулирање на земјоделците и обновување на лозовите насади ќе може повторно да се постигне годишниот принос од 100 до 120 милиони килограми.
-Вообичаено родот е некаде околу 100 до 120 милиони килограми грозје, а годинава е 65 до 70 милиони килограми поради временските предизвици. Секако нема доволно род на пазарот, така што ги охрабрувам уште повеќе да ги стимулираме земјоделците, лозарите да се вратат на нивите и повторно да ги возобовиме лозовите насади и повторно да можеме да произведуваме 100 до 120 милиони килограми во текот на годината, рече Мицкоски, по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија.