Мини акумулации на речните корита за решавање на проблемот со наводнувањето
Охридските земјоделци предлагаат изградба на мини акумулации за складирање на водата во поголеми влажни периоди. Ова според нив во голема мера ќе придонесе во решавање на проблемот со наводнување на земјоделските површини во охридскиот регион. Земјоделецот Ванчо Стојаноски вели дека кога има влажни периоди вишокот на вода би се складирал во мини акумулациите, а би се користел во периоди на подолготрајни сушни периоди.
„Уште подобро тие ако се надвор од речните корита, во секој регион од Македонија, во секое катче имаме такви одредени суводолици, необработливи површини каде со едни релативно мали зафати, мали брани, можете вие да опфатите дел од речното корито, под затворен систем од повисока кота. Исто под притисок ја транспортирате водата до земјоделските површини, без употреба на енергија што е и тоа како многу важно, денеска така се решава наводнувањето во светот.“- Ванчо Стојаноски-земјоделец.
Големиот број на речни корита во земјава, според Стојаноски мора да биде искористен токму за изградба на вакви мали акумулации.
„Тоа е иницијална каписла за развој на земјоделието во Република Македонија, бидејќи имаме многу прекрасни региони кои се погодни за соодветни култури, земјоделски…Би процутело земјоделието во Република Македонија. Тоа не се толку големи и скапи зафати, но мора што поскоро државата да направи една стратегија, уште годинава, мислам дека околу триесетина акумулации се во план, в година уште повеќе, но ова требало уште од многу поодамна да се решава.“- изјави Стојаноски.
Стојаноски во оваа насока го спомена примерот од Поградец во соседна Албанија, каде токму со вакви мини акумулации земјоделците добиваат вода до самите земјоделски површини. Според него, изградбата на овие акумулации особено би била полезна за охридската цреша која најдобро опстојува во делот на Долно и Горно Лакочереј, Лескоец, Косел па се до Вапила, а до кои места нема адекватно спроведена вода за наводнување на истите.