Министерот Цветков присуствуваше на порибување на Охридското Езеро со ендемична пастрмка
Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Цветков денеска во Охрид присуствуваше на порибувањето на Охридското Езеро со подмладок на ендемичниот вид охридска пастрмка.
-Согласно Законот за рибарство и аквакултура обврска на државата е порибување на природните езера, од што најголемо внимание посветуваме на Охридското Езеро и зачувување на охридската пастрмка, рече Цветков, истакнувајќи дека за таа намена оваа година се издвоени десет милиони денари.
Одгледувањето на подмладокот го врши Хидробиолошкиот завод, кој согласно договорот обврзан е да изврши порибување на езерото со 2,5 милиони единки охридска пастрмка.
– Оваа година според информациите од Хидробиолошкиот завод ќе бидат изведени 2,2 милиони единки подмладок, пред се поради тоа што не функционира мрестилиштето кај Шум кај Струга. Сепак тоа е е најголем број единки што ќе бидат пуштени во езерото, оттаму што минатата година Охридското Езеро беше порибено со 1,9 милиони единки пастрмка, пред тоа 1,6 милиони итн, рече министерот, изразувајќи уверување дека секоја година ќе се зголемува бројот единки што ќе бидат пуштени во езерото.
Експертите од Хидробиолошкиот завод во Охрид тврдат дека и сто илјади едински пастрмка што би преживеале се сосема доволно за природен прираст на тој вид риба, но проблем постои поради неконтролираниот излов на млади риби на албанската страна од езерото.
– Охридското Езеро е и на соседна Албанија. За жал албанската страна се уште нема закон за рибарство, нема концесионер што би се грижел за рибниот фонд во езерото. Јас контактирав со албанскиот министер за земјоделство, се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик во интерес на заштитата на охридската пастрмка. Ние секако продолжуваме со порибување, рече Цветков.
Тој нагласи дека државата е подготвена на Хидробиолошкиот завод да му исплати по четири денари за секоја одгледана единка охридска пастрмка, така што независно што договорот за порибување е на десет милиони денари или 2,5 милиони единки, државата ќе исплати средства за секоја дополнителна единка подмладок што би бил одгледан во институтот и потоа пуштен во езерото.
Директорот на Хидробиолошкиот завод, Елизабета Вељаноска – Сарафилоска, рече дека процесот на порибување на Охридското Езеро со подмладок на охридска пастрмка е започнат на 22 август и секојдневно во конитинуитет се врши порибување на езерото.
– Досега во езерото се пуштени 1,625 милиони единки подмладок на охридска пастрмка, со должина од седум сантиметри и тежина од околу три грама. Порибувањето се врши на локациите каде е извршено и собирањето на икрата за вештачки мрест, односно кај Пештани, Трпјеца, Вир кај Охрид, Калишта, Радожда и Струга, рече таа.