
Министерот Срефимовски сепак бил во Струмица на средба со производителите на пиперка „ајварка“
Министерот вели дека државата не ја диктира пазарната цена, но има обврска да обезбеди законски, транспарентен и предвидлив откуп, притоа да не дозволи трудот на земјоделците да остане незаштитен пред пазарната неизвесност.
Министерот за земјоделие Борче Серафимовски денеска објави дека бил во Струмица и одржал средби и со земјоделци и со откупувачи на пиперка – куртовска капија. Производителите на пипер го чекаа на мирниот протест на блокадата кај село Робово.
Министерот вели дека државата не ја диктира пазарната цена, но има обврска да обезбеди законски, транспарентен и предвидлив откуп, притоа да не дозволи трудот на земјоделците да остане незаштитен пред пазарната неизвесност.
„Воден од таа одговорност, денеска во Струмица одржав одделни средби со производителите на пиперка и со регистрираните откупувачи – трговци.
Производителите ме запознаа со последиците од временските непогоди, трошоците и откупните цени, а трговците со побарувачката, извозните можности, планираните количини и динамиката на откупот“, објави Серафимовски.
Според министерот Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.










