Мирчески – Министре Законот за тутун не предвидува тутунопроизводителите самостојно да пријавуваат килограми за субвенционирање
Очигледно е дека не сте стручен во областа на земјоделството, но сигурен сум дека во Вашиот кабинет имате советник за тутун кој треба да Ве советува пред да давате јавни изјави поврзани со тутунопроизводството.
Почитуван министре,
Очигледно е дека не сте стручен во областа на земјоделството, но сигурен сум дека во Вашиот кабинет имате советник за тутун кој треба да Ве советува пред да давате јавни изјави поврзани со тутунопроизводството.
Доколку токму тој советник Ве насочил да дадете ваква изјава, во која ги обвинувате производителите за лажно пријавување на субвенции, тогаш навистина нема оправдување да се трошат парите на граѓаните за неточни и непрофесионални совети(народно кажано да ви ги врати парите со кои ги плаќате ваквите советници). Процесот на склучување договор за производство и откуп на тутун помеѓу кооперантот и откупувачот се заснова на површини евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС). За да склучи договор, производителот мора да докаже дека земјиштето е во негова сопственост, со имотен лист, или дека го користи врз основа на договор за закуп, со или без надоместок.
Без овие документи не е можно да се склучи договор со откупувач.
Откупувачот е тој што ја определува договорената количина на тутун по декар, која вообичаено изнесува од 180 до 200 килограми. Дел од откупувачите строго се придржуваат до овие количини, а дел дозволуваат до 10% поголемо производство поради можни повисоки приноси во поволни производствени услови. Тоа значи дека максималната договорена количина е околу 200 до 220 килограми по декар. Доколку некој производител успеал да склучи договор за 10 или 11 тони тутун на површина од само 2 или 2,5 декари или успеал да предаде 10или 11 тона, тутун на договор од 2 или 2.5 декари тогаш одговорноста е кај откупувачот кој го одобрил таквиот договор и таквиот откуп , а не кај производителот.
Токму затоа надлежните институции треба да утврдат како е дозволено склучување на таков договор или несразмерена откупена количина во однос на договорената според договор, а не однапред да ги обвинуваат производителите. Понатаму, ако навистина беше можно од еден декар да се произведуваат по 600 килограми тутун, како што тврдите Вие, тогаш тутунопроизводителите немаше секоја година да ги чекаат субвенциите за да ја започнат новата производствена сезона.
Реалноста е сосема поинаква.
Дури и со примена на најсовремени агротехнички мерки, квалитетна заштита, прихрана и наводнување, принос од 600 килограми по декар е практично невозможен. Во реални производствени услови, дури и кај најуспешните производители, приносот ретко надминува 250 килограми по декар.
Дополнително, Вашата изјава покажува дека не го познавате ниту начинот на остварување на правото на субвенции за тутунот. Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи не предвидува тутунопроизводителите самостојно да пријавуваат килограми за субвенционирање.
Напротив, законот воспоставува електронски систем за евиденција на тутунот (ИСЕТ), во кој регистрираните откупувачи ги внесуваат податоците за договорените површини, договорените количини и реално откупените количини на тутун по секој производител.
Понатаму, Уредбата за директни плаќања предвидува дека субвенциите за произведен и продаден тутун се исплаќаат врз основа на податоците за реално откупените количини што во ИСЕТ ги внесуваат регистрираните откупувачи. Производителот не поднесува пријава за килограми и нема законска можност сам да пријави поголемо производство за да оствари повисоки субвенции. Оттука, тврдењето дека тутунопроизводителите лажно пријавувале килограми за субвенции едноставно не одговара на законската постапка. Доколку постојат неправилности, тие треба да се бараат во контролата на системот и во податоците што ги внесуваат откупувачите, а не однапред вината да им се припишува на производителите.
На крајот, кога велите дека субвенциите не треба да имаат социјална компонента, со тоа во целост се согласувам. Но, тоа ќе биде возможно само тогаш кога производителите ќе имаат реално влијание во процесот на формирање на откупните цени.
Во моментот, тутунопроизводителите се целосно исклучени од тој процес, додека откупувачите настапуваат монополски и ги определуваат цените исклучиво според сопствениот финансиски интерес, без да водат сметка дали тие ги покриваат реалните производствени трошоци. Сѐ додека производителите немаат право да учествуваат во формирањето на откупната цена, субвенциите што ги обезбедува државата неизбежно ќе имаат социјална компонента, бидејќи служат за покривање на загубите што произлегуваат од ниските откупни цени, а не за создавање дополнителна добивка.
Наместо паушално да се обвинуваат тутунопроизводителите, многу покорисно би било Министерството да ја насочи својата енергија кон подобрување на системот на контрола, обезбедување фер пазарни услови и заштита на производителите од монополското однесување на откупувачите. Само така ќе се создадат услови субвенциите во иднина да бидат вистинска развојна мерка, а не компензација за неправедно ниските откупни цени.
Коментар на Игор Мирчески поранешен координатор на новоформираните тутунарски здруженија




