Струмичките производители на „ајварката“ со блокада на крстосницата кај село Робово незадоволни од откупната цена на родот
„Ви дадов 50 тони црвен пипер, а моите деца јадат сув леб и за леб немаат“, гласаше пораката од струмичкиот земјоделец.
Земјоделци од Струмица, производители на пиперка – куртовска капија и денеска протестираа незадоволни од откупната цена на пиперката. Над стотина земјоделци се собраа кај крстосницата за селото Робово, на патот од село Дабиле и село Босилово, возилата поминуваа. Дел од земјоделците беа дојдени со земјоделска механизација, трактори и товарни возила. На протестот имаше поголемо присуство на полицијата, дел го регулираа сообраќајот.
Земјоделец со транспарент ја опиша реалната ситуација во која се наоѓаат производителите на пипер.
„Ви дадов 50 тони црвен пипер, а моите деца јадат сув леб и за леб немаат“, гласаше пораката од струмичкиот земјоделец.
Земјоделците од Струмичко бараат – „Итно зголемување на откупните цени и истите да важат за целата откупна сезона без еднострано намалување или менување на условите во текот на откупот. Прва класа 50 денари, прва – втора класа 40 денари и втора класа 20 денари, како и ограничување на рокот за исплата. Исплатата за предадената роба да се изврши во рок од најмногу 3 месеци од денот на предавањето на производот. Навремена исплата на субвенциите и итна исплата на субвенциите за предаден килограм пипер, а веднаш потоа и навремена исплата на субвенциите по засадена површина“, рекоа земјоделците на протестот, разочарани што министерот за земјоделие Борче Серафимовски не дојде на протестот.



