Министерот  Тевдовски во „Синпекс“ ги додели градежните машини за општините, донација од ЕУ

(Oвој напис е објавен на: May 31, 2019)

Битола

 

Министерот  Тевдовски во „Синпекс“ ги додели градежните машини за општините, донација од ЕУ

 

Министерството за финансии на Р.С.Македонија и триесет рурални општини денеска во компанијата „Синпекс“ ДОО Битола потпишаа договори со кои им се даде на располагање механизација, ровокопачи, грант обезбеден од Европската Унија. Вкупната вредност на грантот е 45,7 милиони денари.

На примопредавањето на машините во дворот на компанијата “Синпекс“ ДОО-Битола присуствуваше министерот за финансии  Драган Тевдовски, а таму на лице место беа потпишани и договорите со градоначалниците од македонските општини.

 

Станува збор за општините: Берово, Чешиново Облешево, Крива Паланка, Радовиш, Демир Хисар, Василево, Македонски Брод, Маврово и Ростуше, Дебрца, Неготино,Пехчево, Виница, Пробиштип, Македонска Каменица, Ранковце, Кратово, Конче, Карбинци, Крушево, Кривогаштани, Босилово, Ново Село, Кичево, Пласница, Дебар, Центар Жупа, Струга, Вевчани, Демир Капија, Кавадарци.

 

Со проектот се опфатени околу 300 000 граѓани што според министерот Тевдовски, претставува сериозен импакт  

-Ми претставува огромно задоволство што дојдовме тука да потпишеме договори со кои што им се става на располагање механизација  на вкупно 30 општини. Се заблагодарувам на Европската Унија, бидејќи станува збор за гранд-средства  кои што се од ИПА програмата, практично се поддршка од Европската Унија. Овој проект е имплементиран преку проектот за подобрување на општинските услуги кој што е администриран  и финансиски поддржан од  Светска банка. Овие ровокопачи ќе направат разлика ќе им овозможат на општините да имаат во секој момент на располагање ваква механизација која ќе им овозможи таму каде што е потребно да чистат речни корита, патишта доколку имаат проблеми одрони  и веднаш да реагираат, изјави министерот за финансии Тевдовски.

 

„Прв дојден прв услужен“

Критериумот  по кој триесетте општини ја добија механизацијата беше „Прв дојден прв услужен“.

-Имаме десет машини, односно ровокопачи такашто општините за да аплицираат за проектот  мораа да направат конзорциум од три општини, кои требаше да имаат согласност меѓусебе дека ќе го распределуваат времето и ќе ја користат машината кога ќе им биде потребна. Добија првите триесет општини што аплицираа, рече Тевдовски.

„За чисто како дома исто“

Овој проект е добар пример како ЕУ, Светска Банка и Министерството за финансии овозможија бенефит за граѓаните.

-Многу сме среќни што успеваме да ја поддржиме целата држава во нејзините напори на приближување кон Европската Унија, не само Владата туку и општините.

Им честитам на сите кои што беа вклучени во реализација на овој проект  и  напорите на Европската Унија, на Светска банка и Министерството за финансии коишто успееја преку овој проект да донесат бенефит за 78 општини и вкупно 133 проекти. И третата важна работа е „За чисто како дома исто“ што е нашата кампања преку која се обидуваме да им помогнеме на сите граѓани, рече Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ.

На општините им предадовме робусни, мултифункционални машини рече Синиша Петровиќ, генерален менаџер на „Синпекс“ ДОО Битола

-Ја предадовме опремата десет ровокопачи, утоварачи, наменети за руралните општини во Македонија. Сметаме дека е тоа корисна инвестиција за малите општини, бидејќи ова се мултифункционални машини кои имаат повеќе намени, во градежништво, чистење на патишта, метење и одржување на хигиена. Значи една робусна мултифункционална машина која што многу ќе вреди во помалите општини. Сметаме дека Министерството за финансии направи вистински потег  што даде една ваква донациија на малите општини и што тоа треба да биде склоп од неколку типови на машини- ѓубретарки, метларки кои што би им дале малку поддршка на малите комунални претпријатија во руралните средини, рече Петровиќ како домаќин на настанот.

Една од машините ќе биде на располагање на општините: Демир Хисар-Крушево-Кривогаштани, вели  Маријанче Стојановски – градоначалник на Демир Хисар

-Денес присуствуваме на еден свечен чин  на доделување на машини ровокопачи, кои  ќе ја олеснат работата на јавните комунални претпријатија во справување со комуналниот отпад и чистење на речните корита. Ние заедно со градоначалниците на општините Крушево и Кривогаштани  бевме во првите општини  и го добивме четвртиот  ровокопач. Општина Демир Хисар е носителот на проектот. Демир Хисар со  останатите партнерски општини е во блиска релација  и соработка  меѓу градоначалниците   со што ефикасно ќе се искористи оваа машина, не само во справувањето со комуналниот отпад туку и во справување со поплави, чистење на речните корита, чистење на канали. Машината што досега ја користевме е стара над 30 години, така што оваа машина и овој проект се добредојдени во решавањето на ваквите проблеми, рече Стојановски.

Ќе ги подобриме услугите кон граѓаните вели Благој Илиев – градоначалник на општина Конче

-Се заблагодаруваме на ЕУ и Министерството за  финансии за овие машини  што денес ни се даваат на располагање. Останува на нас, општините да ги подобриме услугите спрема граѓаните. Општина Радовиш е носител на проектот , а општина Карбинци е третата партнерска општина, рече Илиев.

 

Правилно и рационално ќе ја користиме машината вели Јордан Насев градоначалник на општина Карбинци

-За нашата општина конкретно ова значи многу. Ние се простираме на територија од 250 км 2 со над 150 км локални патишта, така што најголем дел од времето  машината ќе биде вклучена  во расчистување  и тековно одржување на патиштата. Дополнително имаме населени места на 1100 метри надморска висина така што машината ќе биде употребувана и во зимскиот период. Се надеваме дека со заедничка соработка  со општините Конче и Радовиш правилно и рационално ќе биде искористена оваа машина  и ќе биде во функција на жителите на трите општини, рече Насев.

 

 

А.Блажевска

П.Јовановска

Share Button