Љупчо Николовски и Николче Николовски денеска потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Министерството за земјоделство и Слоу фуд Македонија и договорија со заеднички сили што поскоро да ги заштитат и промовираат автентичните македонски производи, како ајварот, кратовската раванија, афионовото семе, буковската пипер, валандовската калинка и многу други традиционални македонски производи.
Со потписите на министерот за земјоделство Љупчо Николовски и претседателот на националниот одбор на здружението Слоу Фуд Македонија, Николче Николовски, се официјализираше соработката помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и националната организација Слоу Фуд Македонија.
Меморандумот предвидува соработка во повеќе области, а меѓу приоритетните е користењето заштитени ознаки за квалитет.
Имено, иако се донесени поголем дел од законските решенија за заштита на традиционалната храна, досега имаме само еден регистриран производ со ознака за квалитет – охридската цреша.