fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Млечна криза чука на врата, пелагониските сточари си ги бараат субвенциите

Сточарите најавуваат блокади на патиштата доколку властите не ги исплатат заостанатите субвенции до крајот на септември

БИТОЛА – Пелгаонскиските сточари го засилија притисокот врз властите околу неисплатените субвенции и најавија дека е можна млечна криза.

„Влегуваме во опасна млечна криза, од која нема излез, бидејќи ќе нема од каде да се купи млекото. Затоа апелираме во Владата и Министерството за земјоделство до крајот на месецот да ни ги исплати заостанатите субвенции за литар предадено млеко во млекарниците, во спротивно излегуваме на протести со блокада на патиштата во Пелагонискиот регион“, најавија денеска сточарите од Пелагонија на прес-конференција во Општина Могила.

Сточарите велат ако до крајот на септември не се исплатат субвенциите ќе ги блокираат патиштата на двете ленти со механизација, по примерот на тутунарите кога го блокираа Плетвар.

„Немаме земено субвенции за литар предадено млеко речиси за две години. Не излажаа за два месеци, ни пуштија некоја си предвремена исплата, ама тоа беше минимална сума. Сега сме на прагот на прибирање на сточната храна, силажата и есенската сеидба и ако сега не ги добиеме субвенциите до крајот на месецот, ќе биде лошо. Има сточари што не можат да посеат храна, ни житарица и наредната година ќе биде уште полоша“, вели Тони Петковски – Паша, од Велушина, претставник на здружението на сточари „Пелагониско поле“.

Сточарите велат килограм кашкавал достигна цена од 800 денари во малопродажба, па и за лек да биде народот не ќе може да го купи. Во исто време за споредба, нивното млеко се откупува од 23 денари за литар за ситните сточари, до 32 денари за литар сурово млеко за големите сточарски стопанства. Па, од тука сточарите испратија апел и до млекарниците да си ги коригираат откупните цени.

„Млекарниците да ја коригираат цената, за големите и ситните сточари, да биде од 1 до 2 денари разлика, а не 9 денари разлика за откупено литар млеко. Зашто и млекото од ситните фармери и млекото од големите сточарски фарми оди на исто место во истиот лактофризер, истиот камион. Млекото се меша и се прави крајниот производ. Затоа, да не се заработува на маката на ситните фармери“, апелира Борче Бучински, сточар од Могила.

Она што ги загрижува сточарите е намалувањето на сточниот фонд, велат стоката нагло се ништи, а млечната криза ќе биде уште полоша и тоа ќе се види наскоро.

„Многупати апелиравме дека малите производители на млеко ги продаваат кравите, но Владата и МЗШВ не ги интересираше, ама еве сега дојде тоа на видело. Се најавува млечна криза ама за жал нема од каде да купите млеко, секаде е лошо. Затоа апелираме до Владата и МЗШВ да ни даде поддршка на нас сточарите и ние што останавме малку да ги зачуваме стадата и да произведуваме млеко. Инаку влегуваме во опасна ситуација“, предупредува Петковски.

Во Пелагонија и општо во државата, сточниот фонд е намален дури за 50 проценти во изминатите години.

„Сточниот фонд се намалува само заради ниските цени на млекото. Храната за стоката достигна висока цена. Во споредба со 5 до 10 година наназад сточниот фонд е намален за 50 проценти. Останавме само ние на кои ова ни е фамилијарна егзистенција, цела фамилија работиме за да опстанеме, ако земеме работник нема да преживееме“, вели Илче Чокузовски, сточар од селото Трн, битолско.

Поседната исплата на субвенции за литар откупено млеко во млекарниците на сточарите им беше исплатена за месеците јануари и февруари 2021 година.

Според најавите од министерот Љупчо Николовски, оваа година за прв пат се воведува дополнителна субвенција за квалитет на млеко.

„Воведовме и интервентна субвенција во износ од 5,5 денари за кравјо млеко произведено и предадено во преработувачки капацитети. Во април исплативме 112 милиони денари субвенции на 5.664 млекопроизводители. Наскоро со ребалансот на Буџетот ќе бидат исплатени и субвенциите за 2021 година.

Дополнително, 2022 година е година на историски највисока набавка на високопедигрирани грла добиток со висок генетски потенцијал“, објави министерот Николовски во јуни на Фејсбук.

Од тогаш досега нема исплата за млекото.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close