fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Млекото се откупува од 22 денари, па нагоре, а по 13 само ако е мешано со вода!

Во моментов, откупната цена на суровото млеко се движи од 22 до 28 денари, во зависност од неговиот квалитет.

Откако реагираа сточарите на ниската откупна цена на млекото, која, како што велат, се симнувала и до 13 денари за литар во зависност од квалитетот и од количината, со свој став излегоа и млекарниците. Оттаму велат дека висината на цената на суровото млеко се формира исклучиво врз основа на неговиот квалитет и оти се движи од 22 денари, па нагоре. Исто така, велат дека не е точно тврдењето на сточарите дека откупната цена на млекото не е променета 12-13 години и дека само последнава година откупната цена на млекото се качила за 20 до 30 отсто.

– Висината на цената на суровото млеко се формира исклучиво врз основа на неговиот квалитет. Во моментов, откупната цена на суровото млеко се движи од 22 до 28 денари, во зависност од неговиот квалитет. Не е точно дека млекото се откупува по 13 денари, можеби се работи за изолиран случај, односно се работи за млеко што имало мани во квалитетот. Квалитетот е нешто што млекарниците се должни да им го испорачаат на крајниот потрошувач. Без квалитетно сурово млеко, нема добар производ – изјави за ВЕЧЕР Цветанка Стојаноска-Пешовска, извршен директор на Здружението на производители и преработувачи на млеко и млечни производи „Знак за квалитет“.

Според неа, преработувачката млечна индустрија, години наназад, им е сериозен партнер на примарните производители и на годишно ниво издвојува милионски суми да ги помогне фармерите со бескаматни кредити, позајмувања, авансирање средства за купување опрема итн.

Стојаноска-Пешовска вели дека и покрај економската криза и драстично зголемените трошоци на млекарниците за струја, нафта, гас, зголемени плати на вработените итн., успеале да ја зголемат откупната цена на млекото за 20 до 30 отсто.

– Свесни сме дека и фармерите се изложени на енормни трошоци и во ваков случај, само со меѓусебни соработка и доверба ќе може да се надминат овие предизвици – додава таа.

Освен сточарите кои тврдат дека и покрај зголемените трошоци за репроматеријали, храна, работна рака, откупната цена е иста со години и во маркетите, млекото се продава по многу повисока цена, тврдат и експертите.

– Цените на млекото во продавниците се многу повисоки отколку оние откупните по кои се набавува млекото од фармерите, кои со години се исти, ниски, недоволни за покривање на нивните трошоци. Дополнително, влезните трошоци во фармите постојано растат, но цените на нивните продукти не ги следат тие поскапувања – изјави за „Фактор“ професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски.

Според сточарите, откупната цена на млекото треба да биде минимум 32-33 денари за литар, со сопствена храна. Ако немаш сопствено производство на храна и 50 денари да е, ќе бидеш во загуба, велат тие.

Како и да е, зголемените цени на влезните инпути ги погодија сите, и сточарите, и млекарниците и сите останати сектори, но од државата помош или нема или е задоцнета.https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close