fbpx
ВестиЛов и риболов

Морската плажа ќе го удави крапот

Трската во Охридското Езеро е заштитена со закон. Таа не смее да се сече токму поради тоа што е природно мрестилиште на крапот, вели д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод во Охрид.

Морската плажа која е предвидено да се гради кај месноста Лагадин во Охрид претставува голема опасност за флората и фауната на овој дел од езерскиот брег. Најпрво, со сечењето на трската ќе страда крапот, потоа живеалиштата на лебедите, но и некои ендемски видови на флората, предупредуваат охридските хидробиолози.

morskata plazha kje go udavi krapot

 

Според досега јавно презентираните планови, на овој дел кај Лагадин треба да се изгради платформа во Езерото со површина од над 1.000 квадратни метри.

“Трската е природно живеалиште и мрестилиште на крапот во Охридското Езеро. Доколку на овој дел се исече трската, тогаш и крапот ќе нема каде да се мрести. Изградбата на најавената платформа во Езерото значи и сечење на трската на неколку стотини метри. Иако јас не го имам на увид комплетниот план, ако тој се реализира, претстои уништување на крапот и другите ендемични вилови на флора и фауна. За таква голема платформа потребно е да се исечат сите трски од Лагадин, па речиси до Елешец”, ни изјави д-р Трајче Талевски, раководител на лабораторијата за краповидни риби при Хидробиолошкиот завод во Охрид.

A8562AA42DC04A4DA70B9B220542F98D

Д-р Талевски предупредува и на уште еден момент.

“Трската во Охридското Езеро е заштитена со закон. Таа не смее да се сече токму поради тоа што е природно мрестилиште на крапот. Овој закон е донесен некаде во осумдесеттите години од минатиот век, но со оглед на тоа дека нов нема тој е се уште актуелен. Значи, постои законска обврска при секое сечење на трската да се извршат консултации со експерти, да се спроведе поширока расправа”, појаснува Талевски.

Со последните измени на планот од страна на локалната власт, како што соопштија од еколошкото друштво Охрид-СОС, морската плажа е протуркана преку една одредба за поставување на урбана опрема на овој дел од охридскиот брег.

lagadin

Општина Охрид: He е предвидена урбана опрема кај Лагадин

Општина Охрид вчера испрати писмена реакција по повод тврдењата на невладиното здружение Охрид СОС дека преку програмата за поставување урбана опрема ја протнува реализацијата на медитеранската плажа кај Лагадин.

“За волја на вистината, по однос на наводите за поставување на урбана опрема на плажата ја известуваме јавноста дека согласно донесената програма за поставување урбана опрема ваква активност не е предвидена во истата. Проектот за изградба на плажата во Лагадин ќе биде исклучиво одраз на желбите и потребите на сите граѓани на Охрид. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески цврсто стои зад сите свои јавни изјави и секогаш ќе се залага во пракса да се спроведуваат еколошки проекти кои ќе овозможат реална заштита на Охридското Езеро, притоа доследно почитувајќи ги сите законски норми и прописи”, стои во реакцијата.

Општина Охрид ќе покрене “соодветна законска постапка за клевета за невистинитите паушални и тенденциозни изјави со цел да се заштити интегритетот на локалната самоуправа и на нејзините службени лица”.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close