fbpx
ВестиВидео/интервјуаМакедонијаТоп вести

Интервју со генералниот директор на РЕК-Битола, Златко Ќурчиевски

Интервју со генералниот директор на РЕК-Битола, Златко Ќурчиевски.

 

РЕК-Битола влегува во зелена фаза-чекор кон А еколошка дозвола

 

 

Електростатските филтри не се реконструирани откако постои РЕК Битола, но тоа годинава ќе се промени. Објавата за избор на изведувач на работите ќе се случи во текот на месецов, а работата на терен предвидена е кон крајот на летото. Прво ќе се реконструира електростатскиот филтер на Блок 3, а во следните две години и филтрите на Блок 1 и Блок 2. Работите мора да се одвиваат сукцесивно бидејќи за времетраење на реконструкцијата блокот мора да биде надвор од функција. По завршувањето на реконструкцијата на електростатските филтри, ќе следува и проектот за десулфуризација, вели генералниот директор на РЕК-Битола, Златко Ќурчиевски во разговор за „Зелена берза“.

 

 

З.Б-Најавивте дека до крајот на 2019 годината, РЕК-Битола ќе ја добие А интегрираната еколошка дозвола. Јавната расправа се одржа на 10 јануари годинава. До каде е постапката за добивање на овој исклучително важен документ за комбинатот?

Ќурчиевски-Постапката РЕК- Битола да ја добие А Дозволата за усогласување со оперативен план е целосно во рацете на Министерството за животна средина и просторно планирање. После серија на состаноци на тимови на комбинатот и министерството кои започнаа во ноември 2018 година, на 07 мај 2019 година, Стручниот колегиум на РЕК Битола го усвои Оперативниот план на А Дозволата, а истото го направи и УО на АД ЕСМ на 30 јули 2019 година. Процесот на дефинирање на деталите во документот помеѓу двете страни беше заклучен во септември минатата година. Потоа следуваше обврската за објава на Нацрт Дозволата во јавни гласила во земјава, како и одржувањето на јавната расправа. Тоа се чекори кои се обврзувачки за РЕК- Битола и за МЖСПП, по чие комплетирање се надевам дека формалното доделување на А Дозволата за усогласување со оперативен план ќе дојде во најкраток можен рок. Она што сакам да го потенцирам е дека прифаќањето на предизвикот да се имплементираат мерки за заштита на животната средина од страна на РЕК-Битола, формално – правно е регулирано со документот наречен А Дозвола. Но, тоа не е пречка ние како комбинат и како компанија да не започнеме со реализација на мерките наведени во дозволата и пред истата да ја добиеме. Токму тоа и го правиме изминатите две години. Разговараме со МЖСПП за добивање на А Дозволата и паралелно имплементираме мерки за заштита на животната средина. Во Годишниот план за јавни набавки, како и во Годишниот инвестициски план предвидени се ставки и средства за реализација на активности кои се содржани во Оперативниот план на А Дозволата, а кои ќе ја зголемат заштитата на животната средина со цел да не се губи време до формалното доделување А Дозвола на комбинатот.

З.Б-Како се одвива процесот на модернизација и ревитализација на најголемиот  македонски енергетски комбинат РЕК-Битола?

Ќурчиевски-Најзначајниот проект кој се реализира во РЕК-Битола е проектот за ревитализација и модернизација на Термоелектраната Битола кој опфаќа четири фази: ревитализација и модернизација на турбини, генератори и автоматизација во ТЕ Битола, ревитализација и модернизација на ТЕ Битола со намалување на Nox, ревитализација и модернизација на ТЕ Битола за намалување на SОx и прашина и модернизација на разладните кули. Проектот за ревитализација и модернизација на турбини, генератори и автоматизација е завршен со што продолжен е работниот век за 120.000 часа и зголемена е моќноста на секој блок за дополнителни 8,2 MW. Во рамките на втората фаза – Ревитализација и модернизација на котлите и намалување на NOx во ТЕ Битола модернизирани се котлите на Блок 2 и Блок 3, додека за котелот на Блок 1 договорот не е продолжен. Третата фаза предвидува зафати за намалување на SOx и прашина и таа ќе започне да се реализира годинава со реконструкција на електростатскиот филтер на Блок 3. Во следните две години, ќе бидат реконструирани електростатските филтри и на Блок 1 и Блок 2, со што сериозно ќе се влијае врз заштита на животната средина. Во фаза на реализација е проектот за модернизација на разладни кули. Разладната кула на Блок 1 е веќе модернизирана, а минатата година започна модернизацијата на разладната кула на Блок 2.

З.Б-Кои се најновите моменти околу процесот на замена на електростатските филтри и постапката за десулфуризација на трите блока?

Ќурчиевски-За да бидеме појасни за читателите…Електростатските филтри на оџаците на РЕК-Битола не се филтри како што имаме во клима уредите, или возилата или на било кој апарат што го познаваме во секојдневието. Филтерот всушност е цела постројка, висока 24 метри, долга 20 метри. Неговата реконструкција всушност подразбира доградба на објектот и инсталирање на дополнителни елементи кои ќе ги зафаќаат честичките кои поминуваат низ филтерот и преку оџаците завршуваат во воздухот. Оттаму, не се работи за едноставна замена на филтрите, туку за сложена постапка која треба да резултира со емисија на прашина согласно европските стандарди. Електростатските филтри не се реконструирани откако постои РЕК Битола, но тоа годинава ќе се промени. Објавата за избор на изведувач на работите ќе се случи во текот на месецов, а работата на терен предвидена е кон крајот на летото. Прво ќе се реконструира електростатскиот филтер на Блок 3, а во следните две години и филтрите на Блок 1 и Блок 2. Работите мора да се одвиваат сукцесивно бидејќи за времетраењето на реконструкцијата блокот мора да биде надвор од функција. По завршувањето на реконструкцијата на електростатските филтри, ќе следува и проектот за десулфуризација.

З.Б-Која е подолгорочната стратегијата на РЕК-Битола за навремено обезбедување на  резерви на јаглен и продолжување  на експлоататорскиот век на работа на термоелектраната? Колкави се количините на геолошки резерви на јаглен сега?

Ќурчиевски-Геолошките резерви на јаглен во рудникот Брод Гнеотино во моментов се проценуваат на 20-тина милиони тони, а во рудникот Подинска јагленова серија Суводол на над 42 милиони тони. Овие геолошки резерви на јаглен во двата експлоататорски рудници му обезбедуваат сигурна иднина на РЕК- Битола во следните десетина години. Со разумно и рационално трошење на ова природно богатство, споменатите резерви може да обезбедат уште неколку години експлоатација. Еден од следните чекори за продолжување на животниот век на комбинатот би бил отворањето на рудникот Живојно.

З.Б-Јагленовото наоѓалиште „Живојно“ со примена на  подземна и површинска технологија одамна се најавува, дури беа зададени и рокови (од бившите раководства на ЕЛЕМ ) инвестицијата да се реализира до 2024 година. Колкави се реалните  можности за отворање и експлоатација на јаглен од наоѓалиштето „Живојно“ како дополнување со  јаглен  во ТЕ Битола, во периодот после 2024 година?

Ќурчиевски-Од систематските истражувања, спроведени во периодот од 1966 до 1984 година од Геолошки завод-Скопје, изработен е Елаборат за рудните резерви во јагленовото наоѓалиште „Живојно“. Пред неколку години, беа завршени деталните геолошки истражувања од кои се добија финални параметри во поглед на квалитетот и квантитетот на јагленовите слоеви, геотехничките, геолошките и хидролошките податоци од околните карпи.

Изработен и ревидиран е главен рударски проект за отворање, разработка и за експлоатација на јагленот од наоѓалиштето „Живојно“, со јамска технологија. Во моментов, во фаза на изработка е Главен рударски проект за експлоатација на јаглен со површинска технологија.

Според техничко-економската анализа за експлоатација на јагленот од рудникот Живојно, изработена од „Премоговник“- Велење, Словенија, а подоцна и според Главниот рударски проект за отворање, разработка и за експлоатација на јагленот од наоѓалиштето „Живојно“ со јамска технологија, како и според Студијата за оправданост на концесијата за експлоатација на минерална суровина-јаглен на локалитет „Живојно“ со површинска технологија, постојат оправдани можности за ископување јаглен со подземна и/или површинска експлоатација на рудникот со капацитет помеѓу 1 до 2 милиони тони јаглен на годишно ниво. Вкупно проценетите геолошки резерви на јаглен во наоѓалиште „Живојно“ изнесуваат 101.684.407 тони, од кои 20.500.000  тони од подземна експлоатација, а 32.000.000 тони од површинска експлоатација се експлоатабилни. Можноста за нивна експлоатација и близината на ТЕ Битола ги оправдува напорите за негова употреба при подолг период.

Во моментов, во фаза на изработка е и Студија  за оцена на влијанието врз животната средина од рудник Живојно која планираме во текот на 2020 да биде завршена и да ја доставиме до Министерството за животна средина. Потоа би се пристапило кон конкретна реализација на работи на наоѓалиштето за јаглен Живојно.

З.Б-Проектот за изградба на систем за  топлификација на Битола, Новаци, Логоварди и Могила е најавен како приоритет  на РЕК-Битола. Како течат подготвителните активности неопходни за реализација на овој значаен проект за битолчани? Се прават ли тие измени и подготовки во комбинатот? Гасификацијата е близу до Битола дали греењето ќе биде на  гас или со одземање на пареата од турбините?

Ќурчиевски-Договорот за заем со KFW банката за изведба на топлификација е склучен на крајот на 2015 година. Изработена е целокупната проектна документација, но поради стратешката определба на Владата за развој на гасификацијата, моравме да направиме дополнителни испитувања што тоа ќе значи во споредба со проектот „Топлификација“, односно дали може да се искористи поволноста на гасификацијата и во овој проект. Откако утврдивме дека цената со топлификација се уште е најповолна, а сакајќи да им помогнеме на жителите на Битола, Новаци, Логоварди, Могила со намалување на загадувањето и со овозможување поквалитетен живот, го продолживме проектот и за кратко време успеавме да обезбедиме одобрение за градење на магистралниот топловод од РЕК-Битола до Битола со сите придружни објекти, да објавиме тендер за претквалификација и веќе имавме отворање на тендерот на кој се пријавија една странска фирма и конзорциум од неколку домашни фирми. Стручните лица започнаа со евалуација на пристигнатите понуди. Се надевам дека и таа фаза наскоро ќе заврши и ќе ги поканиме понудувачите да достават финансиска понуда, со што за кратко време ќе имаме и изведувач.

З.Б-Веќе објавивте  јавен повик за купување на шест нови еколошки автобуси за превоз на работниците во РЕК Битола, што ќе значи тоа во поглед на подобрување на условите за работа  во комбинатот, намалување на трошоците и заштита на животната средина?

Ќурчиевски– Кон крајот на минатата година АД ЕСМ објави јавен повик за купување на нови 6 автобуси, еколошки, со погон на метан. За оваа цел предвидени се 88 милиони денари или 1,4 милиони евра, сопствени средства на АД ЕСМ. Ова е прва ваква набавка на автобуси од 2000-тата година. Дел од автобусите кои денес ги користиме за превоз на работниците биле набавени како половни во 2014 година. Тоа доволно зборува за катастрофалната состојба во која се наоѓа автобускиот возен парк на РЕК-Битола. Со набавката на  новите автобуси, првенствено, ќе се зголеми безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК-Битола кои работат во исклучително тешки услови. Од еколошки аспект, новите автобуси воопшто нема да ја загадуваат животната средина. На крај, со набавката на новите автобуси, АД ЕСМ и РЕК-Битола ќе ја потврдат општествената одговорност кон општините Битола, Новаци и Могила. Овие автобуси кога нема да превезуваат работници на РЕК Битола, согласно законската регулатива и нашите можности ќе вршат превоз на ученици, студенти, пензионери, спортски клубови, членови на здруженија и невладини организации. И сето тоа, секако во согласност со нашите можности.

З.Б-Каква е актуелната старосна  структура на вработени во комбинатот, дали имате потреба од стручни кадри со ССС? Ако стопанственици се жалат дека им недостигаат стручни кадри во делот на занаетите, каква е сликата во РЕК во однос на ракувачи, заварувачи, бравари, електричари?

Ќурчиевски-Повеќе од половината вработени во РЕК-Битола припаѓаат на статистичките старосни групи од 46 до 55 години и од 56 до 64 години. Станува збор за работници кои се во комбинатот од самите негови почетоци, многу често како што се исполнуваат критериумите за користење на пензија, така и се осипуваат стручните кадри кои се потешко се наоѓаат во денешно време на пазарот на труд. Нерамнотежата во понудата и побарувачката на работна сила во земјава ја чувствува и РЕК-Битола. Најголема потреба комбинатот има од рударски техничари, рударски инженери, ракувачи на градежни машини, електричари, заварувачи, бравари и слични стручни кадри.

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close