МЗШВ: Со интервентна мерка ќе се покријат загубите на производителите на зелка
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, континуирано го следи откупот на зелката и е во постојана комуникација со земјоделците и откупувачите на зелка. Поради глобалната пандемија од коронавирусот, на светските пазари дојде до намалена побарувачка на зелка, што во нашата држава предизвика проблем со пласманот и откупната цена на зелката.
За таа цел во координација со земјоделците, МЗШВ подготви предлог за интервентна мерка за покривање на загубите на производителите на зелка. Предлог- мерката е ставена во систем минатиот петок, но со оглед на тоа дека до денеска немаше седница, истата ќе се разгледува на утрешната владина седница.
Интервентната мерка ќе биде за продадена зелка во периодот од 1-ви април до 30-ти април 2020 година, а заради стабилизирање на пазарот со зелка, бидејќи во месец април поради вонредната состојба предизвикана од коронавирусот дојде до дестабилизација на пазарот и големо намалување на побарувачката и на откупната цена.
МЗШВ како и досега, продолжува да ја следи состојбата со коронавирусот и последиците врз земјоделскиот сектор, и доколку има потреба заеднички со земјоделците ќе се креираат решенија преку интервентни мерки, а со цел да се овозможи одржливо производство и пласман за земјоделските производи.
Истовремено, МЗШВ го повикува дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, овој период на глобална пандемија со којашто се соочува целиот свет, да не го користи за прибирање на политички поени и манипулација со земјоделците, како што тоа денеска го стори со неговата изјава за откупот на зелка, а при тоа знаејќи дека МЗШВ веќе има предложено интревентна мерка.