вестиМакедонијаТоп вести

На тетовското поле ретко можеш да забележиш земјоделец

Лани во овој период од годината во време на пролетна сеидба, на тетовските ниви можеа да се забележат голем број на земјоделци. Некои како започнуваат со засадување на раниот компир, а некои со подготвителни активности.

Сега на нивите едвај може да се забележат земјоделци.

Шабан Реџепи е еден од земјоделците од тетовско кого на широкото тетовско поле го затекнавме како нивата ја засадува со ран компир. Вели дека има 25 декари земјоделска обработлива површина, која секоја година ја обработува. Доказ за проблемите со кои се соочуваат земјоделците е сликата која ја гледате, вели тој. Нивите не се обработуваат, останавме многу малку земјоделци, но коронавирусот стави капак на се, се жали Реџепи.

-Јас не се откажувам од земјоделие, но има многу мои соселани кои се откажаа. Се соочуваат со проблеми како продажба, откуп, но и со немање вода за наводнување. Тука во тетовско има вода, но не е организирано, има канали, но не се чистат. Сега со коронава е катастрофа. Знаете дека голем дел од пазарите не работаат, значи немаме продажба. Тоа лани што сме го произвеле годинава не можеме да го продадеме, а ова што го произведуваме сега тешко дека ќе го продадеме, не плаши ситуацијата со КОВИД 19, вели Реџепи.

Голем дел од земјоделците велат дека зеле дозволи за движење за време на полицискиот час. Но според нив, голем проблем е што земјоделските аптеки работаат со скратено работно време , а тие се цел ден на нивите.

-Ние уште во утринските часови сме на нива, нешто претходно ќе купиш од земјоделска аптека, но нешто ќе ти снема па одиш да купиш и гледаш затворена аптека и таа работа мора да ја оставиш утре, се жали Ведут Љатифи земјоделец од тетовско.

Латифи и Реџепи велат дека во овие кризни времиња треба државата да им даде некаква помош на земјоделците, со цел да се  мотивираат и да ги засадат нивите.

Од Агенцијата за поттик и развој на земјоделие подрачно одделение Тетово, велат дека земјоделците имаат дилеми дали да ги засадуваат нивите, но рано е да се каже дали планираната земјоделска површина во тетовскиот атар ќе биде засадена. Апелираат земјоделците да не се откажуваат од земјата, затоа што храната во вакви кризни периоди е најпотребна.

-Ние на терен слабо излегуваме, но во контакти сме со земјоделците и тие се во дилема како ќе помине пролетната сеидба. Последните контакти со земјоделците говорат дека земјоделците одат на ниви, но не одат сите. Овој период сега е во подготвителна фаза, сека се сади раниот компир и сега е рано да се каже дали ќе садат. Храната е прва во прашање и треба да се настојува и во вакви вонредни услови да се засади. И би било голем проблем, ако не се засадат нивите и тоа би било проблем и за самите земјоделци, но и за државата, затоа тука мора да потенцирам дека земјоделието е важна гранка и егзистенцијална гранка во државата , вели Петре Петрески раководител на Агенцијата за поттик и развој на земјоделие подрачно оделение Тетово.

И од земјоделските аптеки, велат дека им е намалена продажбата на репроматеријали, што доволно кажува дека земјоделците се помалку одлучуваат, барем засега да ги засадуваат нивите.

З.Д.

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close