На велешкото езеро се гради терен за ловење крап
Со чистење на дрвата и грмушките, средување на трската и поставување на боксови се уредува крајбрежниот појас на езеро „Младост“. Тоа се прави за да се создаде патека за крапски риболов. Таа ќе треба да биде готова веќе на 5 мај, годинава кога ќе биде промовирана преку рибарски настан. Тогаш на езеро „Младост“ ќе се одржи првиот Куп на крапски риболов кој ќе биде дводневен и ќе се вика „Ѓемиџии“.
„Со самата изградба на рибарската патека на езерото ќе можат да се одржуваат балкански купови и натпревари од супер лигата. Годинава крапскиот куп ќе се одржи за прв пат и натпреварот ќе влезе во календарот на Македонската риболовна федерација. Истата патека ќе може да се користи за ловење на риба со пливка,“ рече Бранко Јанушев од ЗСР „Бабуна“.
Спортската риболовна патека ќе овозможи поголема туристичка промоција на езерото „Младост“, како домашна така и меѓународна. Спортските риболовци велат дека неа ја очекувале предолго време.
„Секоја година, бројни екипи од двете велешки спортско риболовни друштва, редовно учествуваат на бројни домашни и меѓународни натпревари. Постојано учествуваме со најголем број на екипи. Кога се подготвуваме најчесто одиме во Струга и Охрид а тоа ги зголемува трошоците на клубовите. Сега со изградбата на оваа патека на нашето езеро ние ќе ги прошириме местата помеѓу поставените боксови за да можеме да се појавиме како организатори на натпревари во првенството на лигата за ловење со пливка ,“ рече претседателот на друштвото „Кркушка“, Марјан Кралев.
Алтернативната рибарска патека на велешко „Младост“ ја градат општината и двете риболовни друштва во Велес и се наоѓа во годинешниот календар на натпревари на Федерацијата на риболовците на Македонија.