вестиМакедонијаТоп вести

Надежите за спас од сушата се местимични и од локален карактер

Суво време без врнежи ја очекува нашата земја и во наредниве денови, соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Тоа ќе значи продолжување на долготрајниот сушен период, а со тоа и агонијата на природните и на вештачките езера во земјава, како и континуирано намалување на дотокот на свежа вода од речните притоки, кои и самите кубурат со вода.

Сушата летово ги доиспразни и онака испразнетите езера и вештачките акумулации до таа мера што нискиот водостој стана смртна закана за живиот свет во нив. Поради тоа, македонската Влада на почетокот на месецов донесе одлука за привремено запирање на производство на електрична енергија од хидропотенцијалите поради катастрофално нискиот водостој на вештачките акумулации, со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот.

„Со оглед на тоа што, според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минимум на котите, неопходен за живиот свет“, соопштија тогаш од Владата.

Анѓелко Ангелевски, советник за агрометеорологија при УХМР, вели дека УХМР повеќе не изработува годишни прогнози што би дале некаква слика за трендовите во наредните месеци, бидејќи последниве години тие се покажале како мошне непрецизни.

– Во наредната седмица, но и во таа по неа, речиси и да нема можност за позначителни врнежи, освен в недела и в понеделник, па и тогаш врнежите ќе бидат незначителни и од локален карактер, што нема да има никакво влијание врз испразнетите акумулации – вели Ангелевски и додава дека нема надеж за пообилни врнежи и во наредниот период.

Долготрајната суша остава катастрофални последици не само врз надземните, туку и врз подземните води, како и врз земјоделието, смета Ангелевски и додава дека токму во овој есенски период посеаните житни и други земјоделски култури имаат потреба од влага во почвата заради зачувување на семето и на корењата.

– Интензивното земјоделство, соочено со зачестените суши, сè повеќе се потпира на зафаќањето води од езерата и копањето бунари, и тоа е битен фактор, поврзан со сушата, кој придонесува за влошување на и онака влошената хидролошка состојба со Преспанското Езеро – посочи Ангелевски.

Климатските промени се од клучно влијание на ова што се случува сега со врнежите, смета метеорологот.

– Со зголемување на населението, расте и потребата за масовно производство на храна што довело до интензивно уништување на шумите и исушување на мочуриштата заради зголемување на пасиштата и на земјоделските површини, но токму тие зафати го нарушиле балансот на екосистемите, предизвикале ерозивни процеси и ги зголемиле емисиите на стакленички гасови во атмосферата што влијае врз климата –заклучи Ангелевски.

Најголем проблем е нерамномерноста на врнежите

До денешен ден човекот најмногу се потпира на стабилноста на атмосферските врнежи, која денес е нарушена. На пример, 2019 година не беше посува од претходните, бидејќи вкупната сума на годишните врнежи не се разликува многу, но и тогаш и сега има долготрајни сушни периоди, кои влијаат врз хидролошката состојба, а врнежите се концентрирани во куси и поинтензивни интервали, кои некогаш се толку силни што прават штети, вели Ангелевски.

Во 2016 година, за неколку часови имаше повеќе од 150 литри на квадратен метар врнежи, кои предизвикаа поплави и жртви и уништувања кај селото Стајковци, но и голема деградација на обработливото земјишт

Извор: Слободенпечат.мк

Слични написи

Back to top button
Close