fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Најголем дел од домашниот буџет се троши на храна и пијалаци, најмалку на здравје, култура и образование

Најмногу во домаќинствата се јадело леб – 255 килограми, компир – 92,2 кг и месо 58,9 кг.

Домаќинствата во 2021 година најмногу од домашниот буџет – 47 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб – 255 килограми, компир – 92,2 кг и месо 58,9 кг. Домаќинствата во просек испиле 226 литри безалкохолни пијалаци и 50,9 литри алкохолни. Изеле и 29,5 килограми чоколади и кекс и испиле 10,2 килограми кафе и какао. За превоз оделе 5,5 проценти од домашниот буџет, што е повеќе од тоа што домаќинствата трошеле за здравје, рекреација, култура и образование заедно, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2022 на Државниот завод за статистика.

Домаќинствата во 2021 година најголем дел од домашниот буџет во просек трошеле на лична потрошувачка – 331 544 денари или 94,6 проценти, потоа за штедење – 11 569 денари или 3,3 отсто, па за отплата на кредити и заеми – 3 228 денари или 0,9 проценти, потоа за издатоци за стан, куќа и имот – 2 804 денари или 0,8 отсто, за загуби, подароци и слично – 900 денари или 0,3 проценти, и за членарина, даноци, царини и слично – 507 денари или 0,1 отсто од домашниот буџет.

Во делот на личната потрошувачка, најмногу средства во просек домаќинствата трошеле на храна и безалкохолни пијалаци – 164 974 денари или 47,1 процент, потоа за станарина и режиски трошоци – 38 176 денари или 10,9 отсто, останати стоки и услуги – 20 435 денари или 5,8 проценти, за сообраќај – 19 132 денари или 5,5 отсто, за алкохолни пијалаци и тутун – 18 221 денар или 5,2 проценти, за покуќнина и одржување на домот – 17 952 денари или 5,1 отсто, за облека и обувки – 14 368 денари или 4,1 проценти, за комуникации – 12 955 денари или 3,7 отсто, за здравје – 10 573 денари или 3 проценти, за ресторани и хотели – 9 772 денари или 2,8 отсто, за рекреација и култура – 4 914 денари или 1,4 проценти и за образование – 72 денари или 0 отсто од средствата за лична потрошувачка.

Само за храна, домаќинствата во 2021 година во просек трошеле 146 713 денари, од кои најмногу за месо – 34 908 денари, потоа за млеко, млечни производи и јајца – 29 236 денари, за производи од жито – 24 466 денари, за зеленчук – 22 122 денари, за овошје – 10 111 денар, за шеќер и чоколади – 7 572 денари, за масло – 6 719 денари, други прехранбени производи – 6 535 денари, и за риба – 5 045 денари.

Најмногу во домаќинствата се јадело леб – 255,6 кг, потоа компир – 97,2 кг и јужно овошје – 86,7 кг, додека од месо најмногу се јадело живина – 53,4 кг, потоа преработки од месо – 50,2 кг, па свинско – 35,1 кг и говедско, телешко и јунешко – 23,8 кг. Свежа и замрзната риба – 24 килограми, а преработки од риба – 3,1 кг.

Од овошје, освен јужно овошје, најмногу се јаделе јаболка – 45,5 кг и бостан – 41,5 кг, а најмалку се јаделе цреши и вишни – 2,5 кг и круши – 3 кг.

Од зеленчук, освен компир, најмногу се јаделе пипер – 67,6 кг и домати – 44,8 кг, а најмалку грашок и боранија – 2 кг.

Кај млечните производи, домаќинствата најмногу пиеле млеко – 110,9 литри, потоа кисело млеко и јогурт – 88,6, а сирења 47,6 кг и други млечни производи – 12,1 килограм.

Од тутун и пијалаци, домаќинствата најмногу од домашниот буџет трошеле на тутун – 13 712 денари, потоа на други безалкохолни пијалаци – 6 236 денари, за кафе, чај и какао по 4 686 денари и најмалку на алкохолни пијалаци – по 4 509 денари.

Домаќинствата во просек испиле 226 литри безалкохолни пијалаци, додека од алкохол најмногу пиво – 42,5 литри, потоа вино – 5,7 литри и жестоки пијалаци – 2,7 литри.

Од домашниот буџет повеќе пари се трошеле на облека – 8 533 денари, додека на обувки – 5 835 денари.

Домаќинствата трошеле 30 645 денари на огрев и осветлување на домот, потоа за комунално-станбени услуги – 4 995 денари, за одржување и поправки на домот – 1 582 денари и за станарини – 21 денар.

Околу домот и негово одржување, домаќинствата најмногу трошеле на производи и услуги за одржување – 9 410 денари, потоа за апарати за домаќинство и поправки – 4 298 денари, за текстил за домаќинство – 1 421 денар, за мебел – 1 240 денари, за садови и прибор – 1 144 денари, и за алати за куќа и градина – 439 денари.

Најмногу од домашниот буџет за здравје бил потрошен на лекови и помагала – 9 763 денари, додека на здравствени – 753 денари и на болнички услуги – 50 денари.

Во делот на сообраќај, најмногу од домашниот буџет бил за делови и гориво за сообраќајни средства – 17 142 денари, додека 1 418 денари за сообраќајни услуги и 572 денари за сообраќајни средства.

Од комуникациите, најмногу домаќинствата трошеле на телефонски услуги – 11 350 денари, потоа за телефони и факс-апарати – 1 602 денари, а најмалку за поштенски услуги – три денари.

Од делот за култура и рекреација, најмногу од домашниот буџет се трошел на аудиовизуелна и информатичка опрема – 1 660 денари, потоа 1 458 денари за опрема за градина, миленици и други средства за рекреација, додека за весници и книги – 684 денари, а за услуги за култура и рекреација – 652 денари.

Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата”, спроведено во текот на 2021 година. Изборот на 5 040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2002 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање.

Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,64, додека во просек вработени биле 1,33 член. Во просек вкупно расположливите средства по анкетирано домаќинство во 2021 година изнесувале – 503 442 денари или 8 120 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства – 667 939 или 10 773 евра, потоа земјоделските – 498 887 или 8 046 евра, а најмалку неземјоделските 483 067 денари или 7 791 евро годишно. https://nezavisen.mk/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close