Енормниот обем на отпад кој се креира со зголемена консумација во модерното општество, селективното одложување отпад, собирањето и неговото рециклирање е екстремно важен процес за одржување на чиста и незагадена околина.
За многумина овој процес е напорен и одзема премногу енергија, па затоа Пакомак ќе се обиде да ги мотивира граѓаните на Македонија да се приклучат на едноставен начин преку воведување на повратни вендинг машини т.н. наречени SmartBin, кои ќе функционираат во склоп на ecoMac – систем на стимулација кој ги наградува луѓето што селективно одложуваат отпад преку награди, попусти или некои останати придобивки. Ваков проект досега не сме имале на територијата на Македонија и претставува вистинска иновација на полето на собирање и рециклирање на комунален отпад.
Што е идејата на поставувањето на повратни вендинг машини (ПВМ)?
Целта е да се мотивираат граѓаните што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад, а со самото учество во процесот да бидат соодветно наградени со т.н. зелени поени кои може да ги користат за плаќање производи и јавни услуги (на пр. Комунални такси, билети за јавен превоз, паркинг и сл.). На почетокот, Пакомак ќе постави машини во неколку општини низ земјата, а долгорочниот план опфаќа поставување на машини на целата територија на Македонија. Проектот е наменет за сите граѓани, без разлика на возраст и социјалниот статус, а и системот на награди е приспособен за сите групи во општеството. Првиот прототип се очекува во првата половина на оваа година.
Кој е принципот на работа на повратните вендинг машини на Пакомак?
Иако работи на истиот принцип како стандардните вендинг машини (се ставаат пари, се добива производ) , поради обратниот процес (се става производ, се враќаат пари) таа се нарекува повратна вендинг машина. Она што започна како експеримент во 1970-тите во Норвешка, денес е многу успешен глобален проект кој на еден едноставен начин ја одржува нашата планета почиста, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да рециклираат отпад.
Иако досега не беа застапени во Македонија, повратните вендинг машини не се нов концепт во светот. Вообичаено, постојните ПВМ работат на многу едноставен концепт – корисникот/граѓанинот во машината става отпад за рециклирање во форма на производ (пластично шише, лименка, стаклено шише) а за возврат добиваат вредносен купон или пари.
ПВМ на Пакомак ќе примаат пластични шишиња и лименки. Преку посебна апликација на својот мобилен телефон граѓаните ќе собираат т.н. зелени поени. Бизнис моделот на Пакомак ќе вклучи мрежа од јавни институции, општини, производни компании, а во секој момент ќе има и податок колку парчиња амбалажен отпад се рециклирани, од кој бренд се тие и кој материјал. Исто така, системот на Пакомак ќе препознава кои граѓани се најеколошки совесни и рециклираат најмногу шишиња во текот на годината, со што се дава можност за добивање на дополнителни бенефити за тие совесни граѓани.
ПРЕДНОСТИ:
1. Сето ова не мора да биде воведено на ниво на цела држава туку може да оди општина по општина. Со тоа се намалува почетната потреба од големи инвестиции одеднаш.
2. Граѓаните добиваат навистинаљ екстра заштеда или приход, а не сопствените пари кои ги дале како депозит со купување на тој производ. Со тоа неколку стотина илјади евра би се вратиле на оние граѓани кои имаат совесен пристап кон селекција на отпадот.
3. Третата предност е што машината на Пакомак ќе биде македонски производ со значително пониска цена од постојните светски модели и пониска цена на одржување. Тоа го прави овој модел пристапен за помасовна употреба и побрзо покривање на цела територија на земјава. Материјалот собран во овие машини е многу чист со можност за 100% рециклирање.
извори:Банкарство.мк