Немаме капацитет за сериозен исчекор во борбата против климатските промени

(Oвој напис е објавен на: September 12, 2019)

Кај земјоделците се уште не може да се подигне идејата дека треба да се прилагодат на климатските промени зашто за секоја штета од временските непогоди некој им ги плаќа загубите, науката нема финансии, ниту податоци врз основа на кои би ги вршела истражувањата, а и адаптивните капацитети на земјава поради малите приноси се многу ниски, велат експертите, објавува Телма тв.

Како што оценија на денешата шеста сесија на Работната група 1 за земјоделство и рурален развој, нешто сме направиле, но чекорите се мали. Мали се и ефектите иако многу мерки се субвенционираат и дале резултат.

Според професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна, земјава не може да направи сериозен исчекор во борбата против климатските промени, не зашто политиката е погрешна, туку зашто не се работи доволно со производителите. Освен ова, проблем е и што не можеме да произведеме потребна количина биомаса. Лимитирани сме од недостигот на вода иако официјално имаме околу 70.000 хектари под наводнување. Но, и тоа не е доволно.

Немаме и сега капацитети да се носиме со сегашните проблеми, тогаш како ќе се носиме со идните? Се прави многу, се обидуваат многу институции да поддржат адаптивни мерки, но го запоставуваме фактот дека не се институциите тие што произведуваат, туку земјоделците. Тие се 170.000. Некој треба да ги обучи, да им каже, да им објасни. Но, тој систем некако потфрла. Не можеме да ја подигнеме идејата кај земјоделските производители дека треба да се прилагодат бидејќи за секоја штета некој им ги плаќа загубите и тогаш, зошто да инвестираат? Не сакам да кажам дека политиката е погрешна, туку не сме го нашле вистинскиот начин да допреме до производителите, истакна Чукалиев.

Допрва, укажа, ќе доаѓаат уште понеповолни ситуации со оглед дека агроеколошките зони се поместуваат кон север. За сериозен исчекор ќе мораме да се вратиме кон основата, да ги зајакнеме базите на податоци и да ги ангажираме сите што може да придонесат за разбирање на проблемот.

Ја немаме основата. Во истражувањата наместо наши, применуваме податоци од ЕУ. На пример, не можам да кажам колку се зголемила фреквенцијата на појава на суша или град зашто тоа никој не го пресметал, ниту можам да кажам како се прменети фенофазите на културите, дали пченката цвета порано или не за да се примнат соодветни мерки. Многу не знаеме зашто научните истражувања кои треба да ги создадат знаењата, недостасуваат, а недостасуваат поради недостиг на податоци. На научната фела не и се ставени на располагање податоците со кои располагаат институциите. Затоа многу работи не знаеме, нагласи Чукалиев.

Тој, сепак, ја префлра одговорноста и на науката која, како што рече, не направила доволно.

Не сме направиле доволно зашто немаме пристап до податоци и не сме финансирани за такви активности. Не зборувам за мене, туку за 3.000 – 4.000 луѓе кои се занимават со наука во оваа држава. Тие не го дале доволно својот придонес за да креираме политики кои ќе одговараат на реалната состојба. Како може да се криераат политики кога недостасуваат податоци? Затоа, и во секој следен чекор доаѓа до потфрлање, повтори професорот.

На удар од климатските промени се сите култури кои се одгледуваат на отворено, независно дали се наводнуваат или не, а и наводнувањето, додаде Чукалиев, не е толку ефикасно.

Најголеми загуби од климатските промени има кај грозјето, пченицата, јаболката, пиперот, доматот, но и животните – овците, говедата. Се ова придонесува за намалување на производството на храна. Сушата, градот, раните и доцните пролетни мразови предизвикуваат огромни штети. Наша препорака е поддршката за набавка на мрежите за заштита од град и УВ зрачење да биде поголема и да се дава не само преку ИПАРД, туку и преку Програмата за рурален развој. Мора да се модернизираат и системите за наводнување зашто има случаи кога и по 15 – 20 дена некои региони остануваат без вода, што е погубно за земјоделството, изјави претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска.

Воедно предочи дека заштитни мрежи во земјава има, може да се најдат, но многу се скапи за земјоделците. Откупните цени таквиот трошок не можат да го покријат.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски информира дека од 2015 година досега штетите од временските непогоди достигнале 100 милиони евра. Од нив на земјоделците им се исплтени 15 милиони.

-Се делува и превентивно. Во тек е рализацијата на 80 милиони евра инвестиција во четири системи за наводнување со кои ќе бидат покриени 30.000 хектари, а наскоро ќе биде отворен и тендерот за авионско засејување, потенцира Димковски.

Според експертот од Словачка и директор на Секторот за земјоделство и услуги при Словачката комора за земјоделство и храна, Јан Баршвари, климатските промени се една од најактуелните теми во ЕУ. Се третираат на највисоко ниво, а мерките кои се препорачуваат како превенција се поделени во две групи. Едната ги засега директно фармерите и предвидува нивно вклучување, а другата се донесува на институциите и преземањето мерки на државно ниво.

Сесиите на Работната група 1 на Националната конвенција за Европска унија во земјава почнаа во март минатата година. Тема на првата сесија беше како да се подобри искористеноста на ИПАРД2 Програмата, втората сесија беше за кредитирање на земјоделството и агро-бизнисот, третата ги опфати земјоделските задруги, четвртата се однесуваше на семејнто земјоделство како модел за одржлив рурален развој, додека во фокусот на петтата сесија беа локалните чинители во функција на развојот на руралните средини.

извор: Телма

 

Share Button