
Зоран Лазаревски-Јас не издржав, сега веќе ја уривам фармата
Приближно 400 евра е субвенцијата за грло крава во Бугарија, а кај нас е 8.000 денари.
Од страв дека ќе ја изгубат и онаа субвенција што сега ја добиваат многумина од земјоделците не сакаат јавно да зборуваат. Велат дека и да сакаат со парите што ги добиваат како субвенции не може многу да направат оти не се доволни. Не кријат дека понекогаш плаќаат и сметки со тие пари и кажуваат дека доколку не им е субвенцијата, има месеци во годината кои тешко би ги преживеале без државната помош, објави „Макфакс“.
„Јас не издржав, сега веќе ја уривам фармата оти и одржувањето празна фарма е скапо“, вели Зоран Лазаревски, поранешен сопственик на „Зола компани“.
Сточар од Кратовско, кој до 2018 година користел субвенции, а сега ја урива фармата оти не може да ја одржува, вели дека решението е едноставно.
„Доволно е да видат како се субвенционира сточарството во соседството, приближно 400 евра е субвенцијата за грло крава во Бугарија, а кај нас е 8.000 денари. Треба сериозно субвенционирање, не само колку да се каже дека државата нешто прави, инаку еден по еден сите ќе се откажат. Јас не издржав, сега веќе ја уривам фармата оти и одржувањето празна фарма е скапо“, вели Зоран Лазаревски, поранешен сопственик на „Зола компани“, компанија чиј национален бренд „бејби биф“ му беше одземен од ДЗИ во време кога со неа директоруваше сегашниот градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски.
Макфакс