fbpx
Агро бизнисВестиЕкологијаМакедонијаРурален туризамТоп вести

Необичната моќ на Сливничкиот манастир

Во дворот на манастирот постои чешма за која се верува дека тече света и лековита вода. Се верува дека водата која извира од под манастирската црква лечи од болести и помага за пород.

На 3 километри од селото Сливница, на источниот брег од Преспанското Езеро, на надморска висина од околу 1300 м опстојува Сливничкиот манастир посветен на „Рождество на пресвета Богородица“. Сливница е село во Долна Преспа, распослано на источниот брег на Преспанско Езеро. Во него во последните години живеат околу 160 жители. Мештаните велат дека нема големо иселување од селото, заминати се околу пет до шест семејства во Ресен и странство. Речиси секое семејство во Сливница се занимава со овоштарство.

Манастирот живее повеќе од 400 години. Подигнат е во 1607 година и според описот е граден во три фази и тоа од 1607, од 1612 и главно во 1645 година. Од тој период потекнува и живописот во храмот, како и дрвениот иконостас со престолни икони, царските двери и големиот крст.

Ацо Наумовски, претседател на црковниот одбор во Сливница, во разговор за „Зелена берза“ вели дека годинава во манастирот ќе се прават влезните врати и нови скали за конаците.

-Манастирот е активен, доаѓаат верници од сите краишта, цело село се грижиме за манастирот и за другите селски цркви. Порано и печалбарите помагаа, но сега веќе не. Манастирот има конаци со 20 соби и околу шеесетина легла. Доаѓаат и луѓе за да видат себап и од лековитата вода, само што лани и годинава не дозволуваме спиење во конаците, вели Наумовски кој веќе десеттина години раководи со црковниот одбор.

Лековита вода за неротки

Во дворот на манастирот постои чешма за која се верува дека е света и лековита вода. Се верува дека водата која извира од под манастирската црква лечи од болести и помага за пород.

Се верува дека оваа вода досега им помогнала на брачни двојки што биле во брак и по 19 години, и немале деца, а помош во манастирот побарале дури и Албанци што разбрале и поверувале во оваа чудотворност. Така дошле двајца браќа од Прилеп, едниот бил во брак 19 години, а другиот 10 години во брак, денес тие имаат синови – раскажуваат мештаните.

„Ја видов Богородица“

Според сведочењата на мештани, Богородица неколкупати се појавила околу манастирскиот комплекс. Првите сведочења се појавуваат од времето на Првата светска војна, додека последното е забележано во 2006 година.

„Ја видов Богородица“, тврдел 73-годишниот Методија Митревски, жител на преспанското село Сливница. Митревски раскажувал дека Богородица му се прикажала есента додека со стадото овци минувал крај Сливничкиот манастир. Женската фигура била облечена во тема облека, забрадена со шамија, слично како на иконите.

-Беше приквечерина и со овците се враќавме од пасење. Таа излезе од густата шума, помина покрај нас и се упати кон манастирот. Ниту едно куче не залаја. Како сите да бевме скаменети. Од бунилото ме освести звукот на манастирските железни порти кои таа ги отвори, влезе во дворот на манастирот и исчезна. Другиот ден ги прашував жените во селото да не оделе на манастир? Одговорот беше ист, дека ни на крај на памет не им паѓа на зајдисонце да врват низ планина за да стигнат до манастирот „Пресвета Богородица“, оддалечен на три километри од селото, раскажувал овчарот.

Поранешниот домар на манастирот запишувал за сите што ја виделе Богородица

Првото чудо за кое раскажуваат мештаните на Сливница се случило одамна и е поврзано со сега покојниот Коте Стојановски. Како дете тој со камен ја погодил камбаната на манастирот, по што се вкочанил. Неговото семејство со месеци останало во храмот да измоли прошка од Богородица. Откако му се вратил одот, Коте не се делел од храмот, по што го добил прекарот ‘Поп’ и живеел 106 години. 

Според кажувањата на поранешниот домар на манастирот Божин Нечовски, починат пред десеттина години, многу лица во манастирот доживеале несекојдневни искуства.

Самиот тој раскажал дека чудо го спасило кога во шумата крај манастирот за малку ќе скинел печурка околу која била намотана змија поскок. Само што ја подал раката, чул непознат глас од шумата, кој му рекол да не ја фаќа печурката оти ќе го касне змија. Од тогаш Нечовски од закоравен комунист почнал да верува во Бога.

-Диме Босилковски и Јовко Поповски од соседното село Курбиново за „Свети Трифун“ дојдоа да преспијат во манастирот. Им се придружи и Никола Котевски од Претор. Вечерта тој се онесвести, најверојатно од висок крвен притисок. Неговите другари тргнаа да бараат помош во селото. Кога се вратија раскажуваа дека над манастирот виделе ореол од светлина. За чудо, другар им преживеа, раскажувал Нечовски.

Се верува дека Христовата мајка му помогнала и на поранешниот претседател на црковниот одбор Ристо Митревски.  Тој служел како српски војник, бил сериозно повреден. Пред умирање ѝ ветил на Богородица дека ако му го спаси животот ќе однесе два златника во Сливничкиот манастир. Сите негови соборци од четата починале, само тој преживеал.

Богородица се прикажала и на фотографија

Сепак, најчудна е фотографијата која пред дваесетина години македонски фотограф ја направил во храмот. Во обидот да го фотографира манастирскиот крст низ прозорецот, на фотографијата се прикажала женска фигура со црна шамија на главата облеана со светлина, за која се претпоставило дека била Богородица.

Натприродната сила на манастирот се верува дека не само што им помагала на луѓето, туку со години го штитела и самиот манастир. За време на Првата светска војна низ таванот во олтарот паднала бомба, за чудо не експлодирала.

Кој го помогнал градењето на манастирот

Манастирот е граден со помош на сите околни села и од населението од подалечните места. Најголемо учество во изградбата на манастирот според натписот над вратата дале Михаило Петков од Битола (9.000 гроша), неговиот брат Грујо (1.000 гроша), Стојко Милев од Сливница, Стојан и Милко од Ротино, Битола (1.000 гроша) и други.

Манастирот од сите страни бил опколен со згради. Се влегувало низ две големи и две помали порти. Во горните делови на зградата се наоѓале простории за престој на гости. Некои од собите биле сопственост на селата Болно, Љубојно, Герман, Кономлади, Горица, Битола, Прилеп, Костур и др. Во манастирот се наоѓала најголемата библиотека, но грчки владика, целиот библиотекарски фонд го изгорел, поради тоа што бил на славјански. Палењето траело цела недела на три огништа. Во манастирот постоело и училиште во кое учеле и работеле деца од околните села од Преспа каде учители биле свештениците.

Манастирската црква е градена по примерот на повеќето цркви во поствизантискиот период односно во османлиското ропство на Балканот. Во 19 век во продолжение кон запад е изграден затворениот трем, една помала помошна просторија како и камбанаријата.

Иконостасот во црквата е  сочуван во својата изворна состојба, каков што бил во првите децении од 17 век. Од содржината на иконостасот се издвојуваат царските двери и големиот крст, поставен како завршница во горниот дел, изведени во плитка стилизирана резба.

Тука е и величествениот фрескоживопис изработен исклучиво од земјени бои, со зачуван живопис со стилски карактеристики на македонското ѕидно сликарство од 17 век, манастирот е заштитен како културно-историски споменик.

Од насликаните композиции поставени во нартексот, вниманието посебно го привлекува најстарата заедничка претстава на најпознатите словенски просветители или на Седмочислениците, како што се нарекуваат во науката претставите на Св. Кирил, Св. Методиј, Св. Климент, Св. Наум, Св. Сава и Св. Ангелариј од 1612 г.

Изграден пред четири века, во пазувите на Баба Планина, долги години бил собиралиште на македонски верници и учени луѓе. Само трпезаријата собирала сто гости, фурната печела леб за двесте души, а бурињата собирале 10 илјади литри вино. Манастирот бил еден од најбогатите во регионот и располагал со пространи имоти дури до Елбасан, Албанија.

Токму поради архитектонската, уметничката и духовната убавина, луѓе од сите краишта на земјава доаѓаат во Сливница.

Денес, од селото до манастирот се оди по  асфалтен пат. Благодарение на напорите кои се правеле во последните децении, извршена е реконструкција на дел од конаците кои некогаш го опкружувале манастирот. Обновено е целосно источното крило во кое може да се престојува и дел од конаците на југоисточниот агол, сè до главната порта што нè внесува во манастирскиот двор. Денес  има 20 конаци со обновена кујна, трпезарија, а има и санитарен јазол.

 

Текст-Анета Блажевска

Фотографија-Ивона Кочов

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close