Неопходно е транспарентно и ефикасно користење на средствата од ИПАРД 2

(Oвој напис е објавен на: October 10, 2017)

Парите од ИПАРД 2 Програмата да се искористат максимално, на транспарентен и ефикасен начин, да овозможат промена на досегашните навики и на начинот на размислување како да се работи во земјоделството, порачаа учесниците на денешната завршна конференција од твининг- проектот за јакнење на Платежната агенција.

Како што рече амбасадорот на Словенија Милан Јазбец, институциите треба да се способни да ја подготват потребната документација, да ги спроведат регуларно процедурите и да овозможат средствата да дојдат до вистинските корисници.

– Не е важно само да се дојде до парите, туку многу побитно е како тие правилно да се искористат, потенцира Јазбец, додавајќи дека е клучно да се научи како да се направи добар проект.

Според Андри Ван Менс од Холандската амбасада, македонското земјоделство има голем потенцијал, но за негово искористување од особено значење е улогата на Платежната агенција. Таа мора да има капацитет за повлекување на средствата од ЕУ- фондовите.

– Не е важно само колку ефикасно ќе се искористат европските пари во Македонија, туку и начинот на целиот процес треба да биде транспарентен, подвлече Ван Менс.

Искористувањето на ИПАРД средствата е највисок приоритет на Владата. Како што рече министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски, веќе се преземени мерки за зголемена апсорпција на европските пари, воспоставен е гарантен фонд кој ќе им помогне на корисниците за предфинансирање на инвестициите, изготвен е Акциски план за зајакнување на административните капацитети, но и интензивно се ангажираат меѓународни експерти за што поквалитетни советодавни услуги.

– Македонија има голем природен потенцијал за квалитетно и конкурентно земјоделско производство, но за комплетно искористување на овие потенцијали и за поголеми ефекти, од особена важност е едукацијата на земјоделците и значењето на мерките од ИПАРД- Програмата, мерки кои ќе помогнат од доближувањето на македонското до европското земјоделство и во создавањето конкурентни производи со висока додадена вредност, укажа Николовски.

Твининг- проектот за јакнење на Платежната агенција се спроведуваше 22 месеца со европска поддршка вредна 1,5 милиони евра.

Share Button