fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Ни третина од брашното не се произведува од домашна пченица, ќе има ли ефект од владините субвенции

Годишно на земјава и се потребни 330 илјади тони пченици, за домашниот пазар

Останува уште месец, месец и половина до почетокот на жетвата на пченицата – житарка од која се добива леб и многу други производи. Во Овче Поле, втората по големина житница во земјава, ова е период во кој земјоделците и комбинатите привршуваат со ѓубрењето, прихраната и заштитата на семето од болести.

Но, годинава многумина немаат пари за сите работи.

Немам фрлено ѓубре, скапо е. И тешка работа за пченицата сега, многу е слаба. Претходни години поевтино беше ѓубрето, нафтата беше поевтина, ќе се изора два пати, три пати. Па ќе излезе нешто. Епа гледај, овде е таква почвата. Убаво жито два и пол-три тона ќе роди, повеќе тешка работа

вели земјоделец од с. Горобинци, Светиниколско.

Освен скапото ѓубриво, хроничен проблем на земјоделците од овој крај со години е сушата. Без доволно вода, житните култури се потешко успеваат. Затоа, професорот Дане Бошев од Земјоделскиот факултет во Скопје, препорачува да се внимава и при изборот на семенски материјал.

Тој патентирал своја сорта на пченица, наречена „зикава зонија“.

Што е карактеристика за оваа сорта? Од едно зрно, се добиваат повеќе растенија. Тоа се вика братење, еве можете да видите. Суштината зошто ја користиме оваа сорта, тоа ми беше и при селекционирањето, е да не ставам многу семенски материјал, туку од едно зрно да ми направи многу растенија. Еден, два, три, 18 братенки има. Како 18 зрна да сте ставиле.“

вели професорот Дане Бошев од Земјоделски факултет, Скопје

За пченицата да има добар род, вели Бошев, неопходни се поголеми стратешки зафати – како на пример, систем за наводнување.

Најкритични моменти  се април и мај кога пченицата е во фаза на вретенисување, класење и формирање на зрнотоКога имате вода, може во една година и две култури да одгледувате. После пченицата и јачменот, можете пченка како втора култура. И некои лигуминозни кои истовремено имаат можност да ги збогатат површините со азот

порачува Бошев.

Каде има-има, но Северна Македонија сега нема време да гради системи за наводнување за да се надева на подобар род на пченицата. Најверојатно затоа мерките се насочени кон постигнување краткорочни резултати – преку субвенции за ѓубриво и за принос од хектар.

А годишно на земјава и се потребни 330 илјади тони пченици, за домашниот пазар.

Според податоците од Државниот завод за статистика, 2005 година е последната кога со домашно производство е достигната потребната количина. Мало приближување се забележува во 2016 година кога имало 306 илјади тони, додека во просек има драстично помалку. Од 2018 година производството на пченица се движи околу 240 илјади тони, заклучно со лани кога имало 243 илјади тони.

Од потребните 330 илјади тони, околу 250 илјади тони се за производство на брашно. Остатокот е за домашни потреби и за добиток.

Но, млиновите најчесто откупуваат само мал дел од пченицата произведена дома. Вообичаено, ниско се цени квалитетот на домашната пченица. Па, кусокот редовно се надополнува со увоз на пченица или готово брашно од соседните земји, најчесто од Србија. Тамошните житници, пред се во Војводина, имаат далеку поголем принос по хектар отколку македонските.

Токму затоа, увозната пченица до скоро беше далеку поевтина.

2012 година, ние како мелничка индустрија, имавме откупено 168 илјади тони пченица која е доволно негде 65% од потребите на државата, значи зборуваме за домашна пченица. Од тогаш наваму не откупуваме повеќе од 65-80 илјади тони годишно, што задоволува 30% од потребите на нашиот пазар и државата“.

вели Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарска индустрија.

Тоа што е Србија во регионот, Украина и Русија се во Европа, па и светот, кога е во прашање извозот на пченица и на вештачки ѓубрива. Поради војната и санкциите, веќе е јасно дека ќе има недостаток.

А, таму каде што ја има, логично, е се поскапа.

Цената на пченицата во Србија е зголемена за 25 евра по тон, тоа би рекол негде е помалце од 10 посто, 8 % и тенденцијата е да се зголемува зашто и побарувачката таму е зголемена, од Италија и од другите држави наоколу. Така што и во овој момент и во наредните месеци ќе имаме зголемување на суровините. Што значи ако е таму зголемено 10% нормално од сегашните цени што ги имаме ќе се зголемат за 10-20% затоа што во нашето производство на брашно не зависиме само од суровината, туку зависиме и 100% од цената на електричната енергија

додава Малишиќ.

За производителите на пченица во земјава најголем проблем во моментов се цената на горивата и на ѓубривото.

Ланската година во јануари 2021 една вреќа ѓубриво чинеше 680 ден, кога дојде негде 5-6 месец стигна до 900 ден, а сега е 3200 ден по вреќа.

вели Мемет Синани, член на УО на Федерација на фармери.

Мемет Синани од Федерацијата на фармери вели дека се задоволни од субвенциите за ѓубривото и за произведената пченица. Понудата – да се садат житарки на државно земјиште, сепак, не е толку атрактивна.

Јас спаѓам во Полошки регион и овде нема.Во другите региони, кажа министерот има негде 6000 хектари земјиште кое ќе се дава. Меѓутоа многу парцели се во средина на други дадени парцели, каде што нема ни пат ни пристап. Не може да се носи вода, не може со трактор да влезе

додава Синани.

Меѓу најважните работи за производителите е цената и начинот на кој млиновите ќе им ја откупуваат пченицата. Ако бидат неповолни, велат, нема да има никакво фајде од субвенциите.

Пченицата е стратешки производ заштитена со закон и тука треба да интервенира државата во цена. Нас како земјоделци од прво орање со транспортот до млин, не чини 22-23 ден. Во законот стои плус 25% заработка за земјоделецот. Па сега нека прават математика колку би ни дошло да ја продадеме

предупредува Синани.

Како ќе се справи државата со предупредувањето на земјоделците, ќе се види во следните неколку месеци. Засега владата говори со оптимизам.

https://360stepeni.mk/video-ni-tretina-od-brashnoto-ne-se-proizveduva-od-domashna-pchenitsa-ke-ima-li-efekt-od-vladinite-subventsii/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close