вести

Николовски: Mакедонија е силно посветена на олеснување на меѓународната трговија со земјоделски производи

Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска учествуваше на состанокот во организација на Федералното министерство за земјоделство и храна на Сојузна Република Германија и Постојаната работна група за регионален рурален развој- SWG, што се одржува во Берлин. Темата на состанокот беше „Потенцијалите на трговската размена“. На состанокот присуствуваше и државниот секретар на МЗШВ, Нефрус Челику. Овој состанок се одржува во рамки на меѓународниот саем за земјоделство и храна „Зелена недела“.
Меѓународните министри дебатираа за олеснување на трговската размена со земјоделски производи преку отстранување на бариерите и овозможување на побрз проток на стоки. Еврокомесарот за безбедност на храна и претставникот од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската унија (DG Agri) потенцираа дека трговијата со земјоделско прехранбени производи е многу важен дел од Заедничката земјоделска политика на ЕУ, а особено трговската либерализација и почитување на потпишаните договори за слободна трговија.
Германската министерка Julia Klöckner изрази подготвеност за голема поддршка на земјите од Западен Балкан за нивна интеграција во ЕУ.
Министерот Николовски во своето обраќање пред министрите, посочи дека Македонија е силно посветена на олеснување на трговијата и од 2003година, како член на светската трговска организација е потписник на неколку билатерални и мултилатерални договори за слободна трговија, вклучително Договорот за асоцијација и стабилизација со Европската унија, како и ЦЕФТА договорот со земјите од Западен Балкан и Молдавија.
„Целосно сме посветени на промоцијата и зајакнувањето на регионалната соработка, бидејќи тоа ќе води кон олеснета трговија помеѓу земјите од Југоисточна Европа, за да се постигне заедничката цел односно зголемена конкурентност на секторот за земјоделство и храна. Ова е наведено и во Декларацијата на министрите за земјоделство која што во ноември минатата година ја потпишавме во Струга и во таа насока ќе продолжиме да бидеме конструктивен партнер во регионалниот дијалог и во сите регионални иницијативи кои ќе ја забрзаат интеграцијата на државите од Западен Балкан во Европската унија. Ја користам оваа прилика да ја повикам Германија да ни помогне во скрининг процесот и сите реформи на коишто работиме во односи на земјоделството, а со цел да се доближиме до Европската Унија“, изјави министерот Николовски.
nikolov
При тоа, Николовски посочи дека минатата година МЗШВ презеде иницијатива за олеснување на трговијата и воведување на брзи зелени линии на границите за земјоделските прехрамбени производи. Целта на оваа иницијатива е да се поедностават инспекциските процедури кои се однесуваат на сите царински процедури и да се намалат формалностите, да се разменуваат податоци помеѓу органите, взаемно да се признаваат националните Програми на овластените економски оператори, под услов тие да се усогласени со соодветните закони на ЕУ. Николовски ги покани присутните министри и од Југоисточна Европа, Сојузното Министерство за Храна и Земјоделство на Германија и Европската Комисија, во рамките на нивните капацитети, да го поддржат овој процес и да се искористи целосниот потенцијал на трговијата со земјоделски производи во нашиот регион.
При посетата на саемот „Зелена недела“, министерот Николовски имаше средба со министерот за земјоделство на Египет, АбуСетејт, на кој што разговараа за унапредување и олеснување на трговската размена со земјоделски производи, зголемување на извозот на македонски земјоделски производи во Египет особено на македонското јаболко. Во последните неколку години египетски компании покажаа интерес за увоз на македонското јаболко, поради што на состанокот беше отворено и прашањето за изнаоѓање на начин за укинување на царинската стапка од 40 % за македонското јаболко која што го прави неконкурентно на пазарот во Египет, како и за увоз на земјоделски производи од Египет кои се атрактивни за пласман во Македонија. Министрите се договорија да започнат преговори во рамки на техничката работна група која ќе се формира согласно Протоколот за соработка во земјоделството. А на 11-ти февруари, министерот Николовски ќе биде во официјална посета на Каиро, во рамки на која што ќе се разговара и за други форми на соработка, особено во делот на науката и истражувањето, програми за обука во делот на наводнување и поврзување на комапниите од двете земји преку организирање Б2Б средби.
Инаку, во рамки на саемот „Зелена недела“, се одржа и Глобалниот форум за храна и земјоделство (GFFA), на кој што на меѓународните министри им се обрати германската канцеларка Ангела Меркел, која што зборуваше за значењето на дигитализацијата за иднината на земјоделството. Меркел порача дека дигитализацијата ќе го олесни земјоделското производство преку пристап до повеќе и попрецизни информации, а воедно со помош на дигитализацијата во делот на маркетингот и прехранбената индустрија ќе може да се минимизира фрлањето на храна.

 


 

brif

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close