Николовски: Новиот предлог-закон за тутун наскоро на јавна расправа, се предвидува укинување на евидентните листови
Новиот закон за тутун е во завршна фаза и деновиве ќе се обликува предлог-текстот кој веднаш ќе се најде на јавна расправа, изјави министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вечерва во Прилеп на трибина со тутунопроизводителите и откупувачите.
Според Николовски годинешната реколта била одлична со просечна цена од 217,5 денари, која донесе и нови повисоки субвенции.
– Реколтата е многу квалитетна и затоа просечната цена од 217,5 денари е највисока. Со владината уредба ќе се исплатат и повисоки субвенции, односно 80 денари за прва, 70 за втора, 60 денари за трета класа. Во Македонија се над 23.000 семејства кои егзистираат од тутунопроизводството. Политиката на владата е да стимулира квалитетно производство. Овој начин на стимулирање го најавуваме и во млекопроизводството, па и во другите сфери. Инаку, тутутнот обезбедува приход од извозот од над 100 милиони евра – рече Николовски.
Новите одредби во Законот за тутун ќе ги регулира односите, а претстојат разговорите со засегнатите страни околу намалувањето на разликите по класи.
– За неколку дена ќе се затвори предлог-текстот на Законот по што јавноста ќе го има на увид за да може да се даваат забелешки и коментари наредните 20 дена, по што ќе влезе во владина процедура. Предвидено е укинување на евидентните листови. Со индустријата и со здруженијата ја отвориме темата за укинувањето на 4-та класа, но тоа не беше прифатено од ниту една страна. Засега останува како што е регулирано. Со засегнатите страни ќе разговараме и за големата разлика по цени меѓу класите – рече Николовски.
Што се однесува до пренамена на површините со тутун со други култури, добиен е проект од неколку милиони евра.
– Очекуваме да дојдат консултатни од Шпанија и да ги почнеме за имплементацијата на проектот за придобивките за граѓаните. Тутунопроизводството е традиционално во Македонија и заслужува посебно внимание во разговорите со Светската здравствена организација и со ЕУ зашто имаме 23.000 фамилии кои го произведуваат, а од друга страна го мотивираме квалитетното производство -изјави Николовски.
Министерот за земјоделство потсети дека по промоцијата на новиот проект за мали, нискотрошковни, екосистеми за наводнување кој предвидува 1,6 милиони евра за изработка на 6 до 8 физибилити студии за мали системи за наводнување и три милиони евра за рехабилитација на постојни или изграба на нови системи, во март ќе биде објавен меѓународен тендер за проектот Јужновардарска долина.
– Проектот чини 20 милиони евра, а започнуваме со изградба на браната Коњско која тежи 40 милиони евра. Владата ме овласти да го потпишам меморандумот за соработка со Република Турција за водите зашто имаме договорено изработка на физибилити студии за 5 системи за наводнување – рече Николовски.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски смета дека е многу битно што тутунарите се стимулирани со повисоки субвенции што пак ќе влијае на локалната економија.
– Прилепскиот е најголем тутунопроизводствен регион и повисоките субвенции се во вистински момент кога на тутунарите им се најголеми трошоцијте за новата реколта тутун. Освен тоа ќе има поголем прилив на пари во локалната економија, зашто доброплатената реколта влијае на зашивување на чаршијата, на трговскиот промет – рече Јованоски.