fbpx
Вести

„Македонско сонце“ посилно да ги грее домашните производи

makedonski proizvodi

Стандардизацијата на домашните производи е еден од условите за зголемување на конкурентноста и затоа треба да се зголемува свеста на компаниите за инвестиции во системите за воведување стандарди. Имплементацијата на стандарди придонесува кон подобрување на квалитетот и услугите, а среднорочно и кон намалување на трошоците. Иако пред неколку години се воведе промотивен знак „македонско сонце“ за квалитет, кој означи почеток на градењето национален препознатлив бренд со текот на времето тој како да исчезна. Стопанствениците и експертите велат дека не знаат зошто се подзаборави на „македонското сонце“, но нагласуваат дека стандардизацијата претставува една од основните потреби и услови за успешен развој на македонската економија.
Сопственикот на „Мама’с“, Калин Бабушку, вели дека концептот на „македонско сонце“ е да се создаде поголема видливост и вредност на производите со македонско потекло.
– Од друга страна, пак, според мене, за да дојде до тој знак, некој бренд треба да помине трнлив пат, односно за да се добие тој знак треба да се исполнат одредени услови. Со тоа, на консументите им се овозможува полесно да препознаат македонски производ, наедно и квалитетен производ – вели Бабушку.

Тој вели дека Македонија е дојдена до ниво каде што стандардизација на производите мора да има.
– Ние веќе имаме продукти што се препознатливи за нашето поднебје и сега е времето кога треба да ги стандардизираме. Преку тоа праќаме информација и до надворешниот свет за тоа по што сме и можеме да бидеме уникатни – истакна Бабушку.

Според него, тоа може да се направи за виното, свежиот зеленчук и овошје, процесираниот зеленчук и овошје и со многу други.
– Секоја земја си ги штити своите производи и производителите. Да не одиме подалеку, таков пример имаме во Хрватска и во Словенија и сите тие си ги заштитуваат сопствените производители, а и ги поттикнуваат домашните купувачи да се фокусираат повеќе на купување домашни производи – појаснува Бабушку.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) велат дека во насока на поттикнување на домашните компании, тие секоја година традиционално на десет од нив за постигнатите деловни успеси им го доделуваат престижното „Признание за македонски квалитет“.
– Манифестацијата има за цел да ги поттикне домашните компании, кои со својот квалитет и вложување во успешна работа се вистински економски амбасадори на нашата земја. Признанието опфаќа таргет на компании што задоволуваат 10 прецизно воспоставени критериуми при што не може секој македонски производ да се стекне со тоа, потребен е препознатлив и потврден македонски квалитет – објаснуваат од ССК.

Оттаму велат дека членовите од комората покажуваат особена динамика во својот развој, имаат претприемачки дух, современи се и ги следат најновите достигнувања во бизнис-светот, инвестираат и се успешни во своето работење.
– Сите тие се позитивен пример за нашата земја и секој во својот сектор ја претставува Република Македонија. Логото што е знак за препознатливост може да го користат, објавуваат и публикуваат сите добитници на признанието во знак на докажан национален квалитет – истакна ССК.

Ружица Јовановиќ-Малиновска од Институтот за стандардизација на Македонија, на една од конференциите во Стопанската комора на Македонија посочи дека стандардите се користат за да се подобрат конкурентноста, перформансите, продуктивноста и управувањето со ризиците со кои се соочуваат компаниите, а придонесуваат и за намалување на трошоците, како и за поголем и одржлив развој.
– Стандардот претставува универзален јазик во светот на бизнисот за целосно разбирање на луѓето во областа на технологијата, економијата и одржливиот развој со кој се поттикнуваат иновациите и се подобруваат услугите – истакна неодамна Јовановиќ-Малиновска.


 

нова македонија

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close