Нови 42,2 милиони евра од Развојната банка – поддршка за 132 проекти на мали и средни компании
Од траншата, најголем дел на средствата се наменети за компании во сегментот на трговијата и производството
Развојната банка денес ја повлече втората транша во износ од 42,2 милиони евра за мали и средни компании од заемот од Европската инвестициска банка. Со оваа транша, е предвидена поддршка на 132 проекти на домашни мали и средни компании и средно-пазарнокапитализирани компании кои ќе вработат нови 373 лица.
Од траншата, најголем дел на средствата се наменети за компании во сегментот на трговијата и производството (16,4 милиони евра). Компаниите ги користат средствата од кредитната линија преку матичните комерцијални банки, за заеми за тековни средства со каматна стапка до 1,6%.
Заедно со првата транша се повлекоа вкупно 59 милиони евра за 182 компании, кои ќе вработат нови 463 лица.
Со овој заем кој РБСМ го склучи со ЕИБ во 2021 година, се обезбедија 100 милиони евра по поволни услови, како директна поддршка на малите и средни компании и средно пазарнокапитализирани компании. Преку заемот, се поддржуваат домашни компании од трудоинтензивните дејности како производство, туризам и услуги, за брзо закрепнување од КОВИД-19 кризата. Заемот од ЕИБ ќе им помогне на компаниите да обезбедат континуитет на деловните процеси и задржување на работните места, а истовремено да ја зголемат својата продуктивност и да ги прошират деловните активности.https://nezavisen.mk/kursot-na-evroto-povtorno-e-pod-pragot-od-113-dolari/