Новиот Регистар на органски оператори од денеска е достапен за потрошувачите

Денеска во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, беше промовиран новиот Регистар на органски оператори. Преку овој Регистар потрошувачите имаат можност да добијат точни информации за сите сертифицирани органски производители, трговци, добавувачи и преработувачи на органски производи, а преку јавно достапните информации и директно да стапување во контакт со нив.

 

„Како Влада, имаме обврска да им гарантираме на граѓаните дека производите кои што се купуваат се сертифицирани како органски производи нешто што досега беше една од поголемите пречки за дополнителен развој на органското производство. Сето ова отвораше простор за манипулации на пазарот. Со новиот Регистар на органски производители,  веруваме дека ќе се овозможи полесна и поголема директна соработка помеѓу производителите, трговците и преработувачите и зголемување на обемот на нивна соработка. Тоа ќе овозможи зголемување на довербата на потрошувачите во системот за органско производство во Македонија.Со објавување на информациите од Регистарот на органски оператори, министерството ја продолжува политиката на транспарентност и отвореност кон граѓаните и имплементација на најдобрите практики од Европа во националните политики“, изјави министерот Николовски.

Во регистарот се опфатени се 654 сертифицирани оператори за органско производство, за сите видови на овошје, зеленчук, видови на добиток, пчеларство, житни култури, лековити и ароматични растенија, самоникнати производи, како и преработки од овие производи.Како ќе се менува состојбата, така ќе се ажурираат податоците во регистарот.

Николовски посочи дека МЗШВ, посветува значително внимание на развој на органското земјоделско производство во Македонија,  а и интересот на потрошувачите за купување органски производи во последниве години значително расте. Годинава министерството најави и започна со имплементација на нови мерки за поддршка на органското производство, а во дел од постоечките мерки воведе критериуми со кои органските производители ќе имаат предност во процесот на аплицирање. Со новиот повик за финансиска поддршка од неповратни 10.000 евра за млади земјоделци, токму оние кои што ќе одлучат да се занимваат со органско производство, ќе имаат предност во однос на другите апликанти. Во насока на зголемување на органското производство, наскоро ќе биде објавен оглас за закуп на државно земјоделско земјиште до 3 хектари, на кој предност ќе имаат органските производители. Министерството интензивно работи и на промоција на македонските органски производи на меѓународните саеми. Со учеството на најголемиот саем за органско производство во светот Биофах и саемот за земјоделство „Агра“ во Словенија, македонските органски производители имаа можност да ги престават своите производи пред меѓународните купувачи и потенцијални партнери. Како резултат на оваа политика континуирано се склучуваат договори за извоз, што е доказ за квалитетот и посебноста на македонските органски производи.

Министерот Николовски се заблагодари на  швајцарската ИМЕ Програма за зголемување на пазарната вработливост во процесот на изготвување на регистарот, како и за целокупната поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка во земјоделството. На денешниот настан присуствуваше и заменик шефот на мисија во Амбасадата на Швајцарија во Македонија Стефан Томажан.

Линк до регистарот:

http://mzsv.gov.mk/%D0%9F%D0%BE%D1%87%D0%B5%D1%82%D0%BD%D0%B0/%D0%9E%D1%80%D0%B3%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%BE_%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B8%D0%B7%D0%B2%D0%BE%D0%B4%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE/%D0%A0%D0%B5%D0%B3%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B0%D1%80.aspx

 


 

faktor

Share Button