Ново Село има земја поубава и поплодна и од Војводина
-Слободно можам да кажам дека нашата земја е најплодна во цела Македонија. Тоа ни го потврдија и агрономи од Пелагонија, од Битола и Скопје, кои констатираа дека ваква плодна земја нема на друго место. Квалитетот е во тоа што може да издржи долг период на суша, вели претседателот на месната заедница Саша Арсиќ, од Ново Село..
Распослано на падините на Скопска Црна Гора, во најубавиот дел на полето се наоѓа Ново Село. На 8 километри од Куманово, повеќе личи на градска отколку на селска населба. Жителите на Ново село главно работат во фирми во Куманово и Скопје, а дополнително се занимаваат со земјоделство и сточарство. Некогаш тоа било многу повеќе во однос на денеска, но и сега секое семејство произведува храна за своите потреби, а она што ќе остане се продава. Традиционално овде најмногу се садат житните култури, пред се пченица, јачмен, пченка и сончоглед, а помалку раноградинарските затоа што во селото нема систем за наводнување. Ново село е познато по своето квалитетно земјиште и високите приноси, кои земјоделците ги споредуваат со најплодните рамници дури и во поранешната држава.
-Слободно можам да кажам дека нашата земја е најплодна во цела Македонија. Тоа ни го потврдија и агрономи од Пелагонија, од Битола и Скопје, кои констатираа дека ваква плодна земја нема на друго место. Квалитетот е во тоа што може да издржи долг период на суша. Пченката и сончогледот овде можат да дадат добар род само со добра заштита од штетник, без притоа цело лето да не падне капка дожд. Во најлошите години имаме приноси над 3 тони по хектар, а кога временските прилики ќе се погодат тогаш родот е преку шест тони. Тоа богатство што ние го имаме го нема ни во Војводина и во Славонија, кои се покрај Дунав и Сава, вели претседателот на месната заедница Саша Арсиќ, од Ново Село.
И додека природата не штедела кога го создавала ова парче земја, државата не направила речиси ништо за да го развие земјоделството. Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјоделците е недостаток на систем за наводнување. Поради тоа, овде отсуствува поголемо производство на раноградинарски култури иако постојат идеални услови за нивно одгледување.
-Не само за раноградинарските производи, во ова време кога има климатски пореметувања и нередовни врнежи во целокупното производство се соочуваме со одредени проблеми. Еве како што беше оваа година на суша, не може житарица да никне, нема вода да се пушти на пченката, на сончогледот, и тоа влијае на приносите. Кога е добра годината имаме извонредни приноси, кога има подолг сушен период има намалување на приносот, а со тоа и исплатливоста е помала, вели Арсиќ.
И покрај сушата тој вели дека успешно ја завршиле есенската сеидба и немале некои позначајни проблеми. Како и секоја година најмногу се засеале пченица, а потоа јачмен, поради тоа што сточниот фонд во селото се намалува и интересот за оваа култура не е голем.
-Оваа година успешно ја завршивме есенската сеидба и се надеваме на богат род догодина. Обработката на земјиштето оваа година траеше подолго поради сушата, и секој што планираше да ора можеше тоа да го заврши. Тоа беше добрата страна на сушата, која од друга страна неповолно влијаеше на никнување на културите. Дождот што падна овие денови ја спаси ситуацијата и поволно ќе влијае за она што никна досега и што допрва ќе никнат, објаснува нашиот соговорник.
Земјоделците од ова село немаат проблемот со пласман на приносите, најчесто ги продаваат во млинови или на производители на масло, но со носталгија зборуваат за седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век кои биле златно време за земјоделецот и земјоделието. Во тоа време работела земјоделската задруга „Слога“ која имала сопствено производство на 536 хектари земјиште, во селата Умин Дол, Љубодраг и Ново Село, како и соседните Романовце, Лопате, Речица и Бедиње, а вршела откуп на производите на земјоделците од трите села и пошироко. Задругата имала своја ‘туршијара’, сушара на кромид и праз, фарма на крави, винова лоза, па покрај сопственото производство вршела откуп на целокупното производство на индивидуалните производители.
-Тоа беше голема сигурност за нас. Во задругата имаше 120 постојано вработени, а по 100-200 дневно сезонски работници. Голем дел од нив беа луѓе од нашите три села. Многу значајно беше тоа што земјоделците можеа да земаат ѓубрива, семенски материјал, се што им треба, потоа ги предаваа своите производи. На крајот на годината ќе се сведат сметките, ќе се направи пресметка кој на кого должи. Ако земјоделецот има побарување, ќе му се исплатат пари, ако не, тој ќе плати, и наредната година пак од почеток, вели Арсиќ.
Тој смета дека таквиот системски начин на организација недостасува и сега, но нема начин да профункционира бидејќи сега се` е приватизирано.
Идеално место за живот, ама без основни услови
Ново Село ја дели судбината на повеќето селски населби во државата и се соочува со големи инфраструктурни проблеми, кои го намалуваат квалитетот на животот на населението. Иако селото постои повеќе од 100 години се` уште нема ниту една асфалтирани улица. Сепак, најголем проблем, кажуваат жителите е тоа што немаат канализацијата. Секое домаќинство има септичка јама која им ги загадува бунарите. Поради тоа водата од хидрофорите ја користат како техничка, додека за пиење купуваат или носат од Куманово.
Во Ново Село живеат околу 300 жители во 80 домаќинства, голем број на семејства се отселиле во Куманово или Скопје, но секој викенд доаѓаат во селото и го обработуваат земјиштето. Речиси секое семејство има нова куќа, помошни простории, современа земјоделска механизација. Ова село е едно од ретките каде не е присутна миграцијата село-град.
-Во селото живеат 80 млади луѓе. Младите не го напуштаат селото, тука основаат семејства, имаме и доста деца. Ако сакаме да ги задржиме младите на руралните средини ќе мора да се подобри животот на овие луѓе. Селото мора да се одржи, а неговото значење се виде и во ова време на корона кризата особено во деновите на карантин, кога сите коишто имаа каде да се вратат дојдоа во своите куќи за да не седат во градовите затворено. Дел од нив почнаа и да ги реновираат. Овде климата е идеална, на 480 метри надморска височина има постојано струење на воздухот-создадена за здрав живот. На лето не е многу топло, а во зима не е загадено, вели Саша Арсиќ.
Сузана Николиќ