
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести
НЗМ повикува – Со закон да се дефинираат реалните производствени цени на земјоделските производи
Крајно време е да се стави крај на секое самоволие и нечовечко профитерство од страна на трговците
Националната земјоделска мрежа со јавна порака до јавноста и надлежните институции
Времето на дефокус, лажен популизам и купување време дефинитивно заврши.
Македонскиот земјоделец е исправен пред историски предизвик и прашањето сега е само едно: да се биде или не!
Националната земјоделска мрежа упатува отворен и силен апел за итно и неодложно донесување на законска регулатива со која строго ќе се дефинираат реалните производствени цени за сите земјоделски култури, а врз основа на нив да се утврдат и задолжителни минимални откупни цени.
Крајно време е да се стави крај на секое самоволие и нечовечко профитерство од страна на трговците, кои со своите манипулации буквално го уништуваат македонскиот земјоделец и неговиот макотрпен труд.
Истовремено, бараме под итно, преку детални анализи и широки стручни дискусии, да се изготви вистинска државна стратегија која точно ќе утврди во каков правец се движи македонското земјоделие. Мора јасно да се постават националните приоритети и да се обезбеди максимална финансиска и правна поддршка за сите земјоделски гранки што претставуваат клучна социоекономска категорија, сè со цел гаранција за сигурен и достоен живот на овие граѓани.
Ние земјоделците веќе го допревме дното и немаме што повеќе да изгубиме.
Ги повикуваме надлежните институции најсериозно да ги сфатат овие наши укажувања пред ситуацијата целосно да излезе од контрола.
НЗМ – претседател Ѓорги Каракашев




