Обезбедени се 1.7 милијарди денари за исплата на субвенции за земјоделците
Парите ќе се исплатат по донесување на ребалансот на буџетот
Со овој ребаланс обезбедуваме 1.7 милијарди денари за исплата на субвенции за земјоделците, се зголемуваат парите за програмата за наводнување со дополнителни 14 милиони денари, а се зголемува и буџетот на министерството за земјоделство, соопшти вчера на прес-конференција Зоранчо Јованчев, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија”.
Тој рече дека како и во другите делови од Буџетот земјоделците биле заборавени од претходната влада.
-Повеќе земјоделците нема да бидат приморани да чекаат за своите напорно изработени пари. Веднаш штом ребалансот ќе биде изгласан овие средства ќе бидат исплатени на нивните сметки- рече тој.
Јованчев соопшти и дека има зголемување на пари и за другите функции, програми и потпрограми.
– Дури и со ваков девастиран Буџет, нашиот фокус од земјоделието нема да се промени. Владиното мнозинство во буџетот за 2025 ќе продолжи уште посилно да ги поддржува земјоделците и земјоделието. Земјоделците добија сериозен партнер кој ќе им го олесни секојдневието – рече тој.
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет трае амандманската расправа по ребалансот на буџетот за годинава. Поднесени се 58 амандмани.
Досега се поминати 20 амандмани, но не е прифатен ниту еден, а дел од амандманите се повлечени од подносителите.
Амандманската расправа по ребалансот на буџетот треба да трае 6 дена.
Извор plusinfo.mk