Обезрожување на говедата – зошто е важно и како да го направите

Најчести повреди на говедата се оние кои си ги нанесуваат едно на друго, со роговите. Во меѓусебниот контакт, често го повредуваат трупот, при што настануваат модринки и исекотини. Од таа причина, се советува отстранување на роговите во рана возраст.

Истражувањата покажале, дека повредите се два пати почести кај рогатите, отколку кај говедата без рогови. Имаат потреба од помал простор за исхрана, а исто така и помалку е опасно да се одгледуваат и транспортираат.

Обезрожените говеда, помалку се агресивни, во споредба со оние на кои не им се отстранети роговите. Доколку немаат рогови, нема ниту агресивно однесување, предизвикано од хиерархијата во стадото, што значи дека повредите кои си ги нанесуваат едни со други и на одгледувачите, во голема мера се намалуваат.

Потребно е да се води сметка за точното време на отстранување на роговите, како и за начинот на кој истото се врши. Доколку, не се направи на време и на вистински начин, може негативно да влијае на физичкото здравје на говедата и нивното однесување.

Кога се отстрануваат роговите кај говедата?

Се препорачува, во некои држави дури и со закон се пропишува, обезрожување на телињата во текот на првите четири недели од животот, додека рогот, сеуште е само зачеток. Освен што е полесно да се отстрани, на овој начин се спречуваат несаканите последици кои може да се појават кај обезрожувањето на возрасните говеда.

На говедата, на кои роговите им се отстрануваат во возрасната доба, може да преживеат еден вид на посттрауматско пореметување. Стресот, како реакција на болка го загрозува здравјето и однесувањето на животното.

Несакани последици од обезрожувањето на возрасните говеда може да бидат скршеници и болни воспаленија на кориумот, односно на најдлабокиот дел од кожата на рогот.

Како се врши обезрожување?

Обезрожувањето на телињата може да биде: хемиско, термичко или физичко. На почетокот, на телето му се фиксира главата, влакната се стрижат, а истрижаното место се дезинфицира со алкохол.

Кога телето е старо, најмалку 7 дена, а најмногу 21 ден, роговата маса може да се отстрани и со корозивни хемиски соединенија.

Спалувањето на роговите со термокаутери кои работат на плин или струја, се одвива кога телето е старо помеѓу 3 и 6 недели, додека со хирушка метода, рогот на телето може да се отсечи се додека е уште подвижен во својата основа.

Отстранувањето на роговите на возрасните говеда се врши со остар месарски тестер за коски или со жичан тестер. Потребен е уште и држач за коски или жичан тестер. Потребни се уште фаќалка за крвни садови, како и скалпел, ножици, завои и прибор за шиење на кожата.

Се препорачува давање на локална анестезија пред почетокот на самиот процес. Анестезијата се вбризгува непосредно под страничниот раб на челната коска, а знак дека почнала да делува е спуштање на долниот очен капак.

Откако животното цврсто ќе се врзи за греда на висина од околу 80 см и на тој начин се фиксира, кожата околу рогот треба да се избриши и дезинфицира, а потоа се сече под прав агол.

Непосредно после обезрожувањето, грлата се поставуваат така што, главата да им е поставена на страна. Во оваа положба, се оставаат еден ден, а веќе следниот ден, може да се вратат на вообичаениот начин на живот. После два до три месеци, раната целосно зарастува.

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

 

Share Button