Обуки за формирање органски фарми и бизнис планирање за земјоделците од Североисточна Македонија
Здружението Граѓански центар за одржлив развој „ЕГРИ” од Крива Паланка во партнерство со Здружението „НИЕ“ од Ќустендил, Република Бугарија организира серија обуки за запознавање на таргетирани органски производители со процесот на бизнис планирање и оформување на органски фарми од мал обем во рамки на проектот „Произведувај органски-пакувај еколошки“ .
– На средината на ноември ќе се одржи информативна обука за формирање мали органски фарми и бизнис планирање и за органски производители од земјава, од Североисточна Македонија, додека минатата недела вакви обуки беа органзиирани за земјоделците од Ќустендилската област до Бугарија, информира Антонио Давитковски, проект-кооридинатор од ГЦОР „ЕГРИ“, Крива Паланка.
Серијата обуки следуваат по претходно извршените две студиски посети, размени на териториите од двете страни на границата, една во Ќустендилската област, а другата во Североисточниот плански регион на Македонија.
– Учесниците на работилниците имаа можност да разменат искуства и знаења за процесите на производство, пакување и продажба на органски производи на веќе постоечките фарми во областите во двете погранични земји, а беа направени и роад-шоуа за заинтересирани земјоделци за следење на обуките, додава Давитковски.
Како дел од проетот „Произведувај органски-пакувај еколошки“ беа спроведени и повеќе едукативни сесии за населението од Североисточниот плански регион во Македонија и Ќустендилска област во Бугарија за процесот на производство органска храна, обука за трансформирање од традиционален во органски еко-начин на пакување производи. На обуките учествуваа по дваесет партиципиенти од двете држави, а предавачи беа професори и експерти од Факултетот за земјоделство и храна, Скопје и Бугарски земјоделски факултет од Софија.
Во рамки на проектот досега се направени: истражување за условите за развој и промоција на органското производство во Североисточниот регион и Ќустендилската област во пограничниот регион Македонија-Бугарија, педолошко истражување и мапирање на земјиштето погодно за овој тип производство во споменатите региони, испечатен е буквар од „А,Б,В за органско производство” наменет за земјоделците -почетници во областа на органското производство, како и процесот на трансформирање од традиционален во органски еко-начин на пакување производи.
Проектот се имплементира со буџет од околу 78.000 евра во рамки на првиот повик на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка на Европската унија помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, а проектните активности ќе траат до јануари 2018 година.