Атомизерите кои не се по европски стандарди ќе завршат во отпад?!

(Oвој напис е објавен на: January 31, 2019)

 

Новиот предлог закон за фитофармација кој се најавува дека ќе се донесе годинава носи крупни реформи во земјоделското производство. Од новините кои ги предвидува овој закон, кој треба да ја усогласи токсикологијата како една од најзначајните работи во земјоделството со европските правила и политики, е и регулирањето на опремата односно машините кои се употребуваат за заштита на растенијата. Од правилата и стандардите кои ќе се бара да ги исполнуваат машините за прскање исклучени се грбните прскалки, рачните прскалки и опрема за апликација на редосеалки како и сите прскалки кои имаат ознака ,,CE’’. Во новиот предлог закон за фитофармација како и во правилниците кои ќе го следат овој закон предвидени се точни критериуми за тоа какви стандарди ќе треба да исполнува една прскалка или атомизер за да може да остане во употреба. Сите прскалки треба да имаат ознака ,,CE’’ кој што се користи во европската унија а доаѓа од францускиот “Conformité Européene”, што буквално значи – европска усогласеност, односно значи дека сите делови и стандарди за нејзиното производство се по европски норми и барања. Како еден од показателите дали атомизерот ги исполнува овие услови е водата да е во посебен дел одвоена од препаратот кој треба да е во посебен контејнер, многу поразлично од старите турбо атомизери кај кои во истиот простор се мешаат водата и пестицидите кои се употребуваат.

-Во законот и подзаконските акти еден од условите е ,,CE’’ ознаката. Оние прскалки кои што ја имаат оваа ознака од инспекторите кои ќе одат на терен од куќа до куќа каде што има прскалки ќе добијат налепница која за ваквите прскалки ќе важи пет години дека може без проблеми да се употребува во заштита на растенијата, вели Проф. д-р Живко Давчев од факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Според проценката на експертите во земјава има околу 1200 до 1250 прскалки атомизери од кои 90% не ги исполнуваат овие европски стандарди, што ќе значи дека во процесот на прилагодување полека ќе треба да бидат исфрлени од употреба и заменети со нови. Во Македонија проблем е што немаме закон за механизација и при увоз на половни машини влегува се и сешто без да ги исполнува строгите европски правила кои ќе важат многу наскоро и според кои правила ќе треба во отпад да завршат речиси сите атомизер кои сега се користат во земјоделството. Државата не ги подготвила условите за ваквата реформа и нема забрана со време за увоз на прскалки кои не се усогласени со европските правила па дури ниту во програмите национални како што е млад земјоделец и други преки кои се делат нови вакви прскалки не се бара да има ,,CE’’  ознака туку да не се постари од две години а за оние кои се делат преку ИПАРД се бара да имаат потекло од некоја од европските земји, земји кандидати за членки и земји од инструментот за европско соседство и партнерство како што не известија од платежната агенција. Став побаравме и до министерството за земјоделство од каде иако прашавме дали е во моментов дозволен увоз на прскалки кои не ги исполнуваат условите кои ќе се бараат со новиот закон и дали преку програмата млад земјоделец се делат вакви прскалки на земјоделците кои иако нови ќе треба да се менуваат, кусо само ни одговорија дека законот е во собраниска процедура и дека делот за опремата за апликација на производите за заштита на растенијата е опфатен во законот но деталите ќе бидат разработени во подзаконските акти по донесувањето на законот.

Ваков процес на замена на атомизерите поминале сите земји на патот кон Европа.Во соседна Бугарија тоа бил процес кој зависно од регионот и од старосната структура на земјоделците носел потешкотии додека целосно да се примени опремата.

-Ако се одлучиме да ги одстраниме старите машини за заштита за нас сметам дека најадекватен е Полскиот модел кој е најбезболен. Таму во програмата за субвенции предвидоа средства со кој на земјоделците им се субвенционираше 90% од трошокот за купување на нова прскалка која е по европски стандарди. Некои земји како Австрија одеа до таму да преку регионалните советодавни државни агенции во соработка со здруженијата и кооперативите на терен носеа атомизери и ги заменуваа старите со нови, вели професор Давчев од катедрата за механизација.

Професорот Давчев е еден од експертите кои изминативе три години заедно со стручна комисија работеа на изготвување на законот и подзаконските акти кои се однесуваат на машините за заштита, но смета дека со измените кои накнадно се направени и со препушување и вметнување на членови од ваков закон од Малта изгубена е компатибилноста меѓу членовите на законот, што смета дека ќе го направи овој многу важен закон тешко применлив. Смета дека сега како што е повлечен законот од собраниските процедури се уште постои можност во соработка со стручната јавност да се уредат прецизно деталите во законот за да биде лесно применлив за земјоделците за кои ќе донесе нови обврски и во однос на замена на атомизерите но ќе донесе и обврски за полагање и добивање лиценца за управување со вакви машини за апликација на заштитни средства.

З.Б.

 

 

 

 

Share Button