fbpx
Вести

Од берба на вргањ се заработува и директорска плата

Земаме годишни одмори за да береме печурки. Има луѓе што инаку работат на различни работни места, но има и такви што воопшто не работат, иако завршиле образование. Од берење вргањ се заработува и директорска плата, вели Тиквешанка, која потрагата по заработка ја однела по шумски плодови на Осоговските Планини, во Kривопаланечко.

– Kилограм од овие печурки на откупните пунктови по планините во Македонија се откупува и за 200 денари, ако се здрави и квалитетни. Понеубавите се продаваат за половина од таа цена – вели таа.

od berba na vrganj se zarabotuva i direktorska plata

 

Во потрага и по 15 километри дневно

Жената е интелектуалка, не сакаше да го објавуваме нејзиниот идентитет.

– Има многу луѓе што се во потрага по шумски плодови во овој период од годината. Доаѓаат сами, но и организирано, со мотори и џипови, со автомобили, иако со нив се движат малку потешко и мора повеќе да одат пешки. Ние двајца дневно береме и по 10 килограми вргањ на надморска височина од над 1.200 метри. Најчесто заработуваме по најмногу 2.000 дневно. Мора да признаам дека таа заработка не е постојана. Оти многу често се случува 60 проценти од собраните печурки да ни се прва, а остатокот од 40 отсто од втора класа. Но, илјадарката секако ја имаме во џебот – призна таа.

Наутро вели стануваат околу три часот, печурки береле до околу 9. Во потрага по шумски плодови, дневно поминувале и по петнаесетина километри низ ридовите.

Таа ни кажа дека секојдневно идат нови берачи, кои се качуваат и повисоко во Kочанско и Штипско. Годинава цените биле подобри од минатогодишните, кога вргањот за разлика од класата, се откупувал по 120 или 60 денари. Не ја исклучуваат можноста и годинава во шпицот на сезоната, некаде во август, цената повторно да падне како лани.

Од сушен вргањ поголема заработка

Освен тоа што многу од љубителите на природата берат вргањ и го продаваат свеж, кој потоа или се чува во ладилник, па се продава или се преработува, има и такви што набраните количини ги сушат. Потоа ги продаваат како сушени, па постигнуваат поголеми цени и подобри заработки.

– Еден килограм сушен вргањ го продавам и за 1.000 денари ако е прва и 600 денари ако е втора класа. Набраните печурки најпрвин ги сечам во должина и ги оставам да се сушат. За еден килограм сушен вргањ потребни се околу пет килограми свежи печурки – кажа нашата соговорничка.

За себе гордо вели дека полека, но сигурно го усовршува печуркарскиот занает.

– Ги научив сите финти кога се печурките во прашање. Ете, на пример, вргањот го бараме покрај дабовите и буковите дрвја, околу нивните корени. Со долги панталони и чизми на нозете, со стапчиња буричкаме наоколу кај подигнатите места и меѓу лисјата од дрвјата, зашто со лесни обувки и голи раце е ризично, иако многумина сметаат дека во шумите е постудено и нема опасност од змии. Но, што е сигурно, сигурно си е -појасни таа.

Нашите соговорници нагласија дека уживаат во чистата и здрава животна средина и, што е најважно, го спојуваат убавото со корисното. Љубовта кон природата со заработката.

– Овде горе во планината ти се чини како небото да го допираш. Со пари не може да се купи воздухот што се вдишува овде и ги полни градите. Го гледаш изгревот на сонцето, будењето на природата, дел си од недопрената природа, а околу тебе разиграната дивина. Не можеш да им се изнарадуваш на облаците за кои мислиш те следат во чекор – рекоа берачите.

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close