fbpx
Вести

Одбележување на Светскиот ден на храната

По повод Светскиот ден на храната, денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со ООУ „Аврам Писевски” и граѓанските организации „Слоу фуд Водно” и „Ајде Македонија” организираа настан под мотото „Нашите дејствија се наша иднина. Свет без глад до 2020 година е возможен”.

„Секоја година на 16 октомври го славиме Светскиот ден на храната и се фокусираме на тема што е во сржта на работата на ФАО и претставува клучно прашање кое влијае на нашиот свет. Темата за оваа година е посветена на Целта за одржлив развој 2 – Свет без глад (Zero Hunger) коja не само што се фокусира на искоренување на гладот во светот туку и на постигнување на подобрена исхрана и одржливо земјоделство. Светскиот ден на храната се одбележува секоја година во светот на 16 октомври, во чест на датумот на основањето на ФАО во 1945 година. Оваа 2018 година на Светскиот ден на храната се одбележува 73-годишнината од основањето на ФАО. Настаните организирани од страна на ФАО, владите, локалните власти и други партнери во повеќе од 130 земји ширум светот повикуваат на зголемени активности за постигнување свет без глад до 2030 година“, наведуваат од ФАО во своето соопштение.

Според проценките на ФАО, светот произведува доволно храна за да се нахранат сите, сепак повеќе од 820 милиони луѓе (едно од деветмина) во светот страдаат од хронична неисхранетост. Во исто време, една третина од храната произведена низ целиот свет се губи или фрла. Глобалните трошоци за отпад од храна се околу 2,6 трилиони долари годишно, вклучувајќи ги и трошоците од негативните влијанија врз животната средина и општеството.

Конфликтот, климатските промени и забавениот економски напредок попречуваат во борбата против гладот, а во исто време трендот на прекумерна телесна тежина и дебелина се зголемува. Може да се постигне свет без глад – крај на гладот, неисхранетоста, неправилната исхрана – ако владите, локалните власти, приватниот сектор, граѓанското општество, производителите на храна и младите луѓе – заедно дејствуваат, велат од ФАО.

Со денешниот настан во Скопје ФАО и партнерите повикаа на акцијата – да се вратиме на вистинскиот пат. Денес младите се возрасните луѓе на утрешнината и тие ќе ја наследат Земјата. Оттука фокусот е ставен на младата генерација. Заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ООУ „Аврам Писевски” во село Бардовци, Скопје, „Слоу фуд Водно” и „Ајде Македонија”, ФАО го промовираше глобалниот повик за заеднички, здружен напор кон здрава исхрана преку воведување практична едукација за храна и здрава исхрана во наставните програми, усвојување методи за намалување на загубите и отпадот од храна и олеснување на пристапот до локално произведената, свежа и хранлива храна од семејните земјоделци.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека денешниот ден повикува на посветеност на секој поединец како и политичка поддршка, за да се остварат стремежите за создавање одржлив свет, ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост.

Во кусо предавање на настанот, од здружението „Ајде Македонија” истакнаа дека децата и младите се дел од генерацијата која може да го искорени гладот од планетата со менување на едноставни секојдневни навики, вклучително поздраво да се хранат, да го намалат отпадот, паметно да ги користат природните ресурси и да водат поодржлив животен стил.

„Нашите дејствија се нашата иднина” е пораката на Светскиот ден на храната за 2018 година. Време е да ја засилиме нашата посветеност и, уште поважно, политичката поддршка кон одржлив свет ослободен од глад и сите форми на недоволна исхранетост, велат од ФАО.


 

makfaks.com

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close