
Одгледувачите на крави во паника, добиле најави за ново намалување на цената на суровото млеко
Сточарите со месеци критикуваат и за неисплатата на премијата за млекото. Тука се засегнати не само краварите, туку и овчарите и козарите.
Сточарите, одгледувачи на крави се во паника откако дел од нив добиле најави од млекарници каде го предаваат суровото млеко дека ќе следи нов пад на цената на откупеното млеко. Новиот удар врз млекарите ќе значи помалку од 1 до 3 денари по литар сурово млеко.
„Сточарството стана неиздржливо, стоката на кланица, сточарите по фабриките“, револтирано коментираат сточари.
Во моментот цената на суровото млеко се движи од 27 до 33 денари за литар во зависност од млекарницата. Одгледувачите на крави кои млекото го предаваат на пунктови со кантарни белешки добиваат најниска цена од 27 до 28 денари за литар сурово млеко, додека поголемите фармери факурираат и до 33 денари за литар млеко. На прсти се бројат големите фармери кои за литар земаат и над 33 денари.
Сточари кои се јавија во „Зелена берза“ велат дека млекарница од Пелагонискиот регион веќе им најавила намалување на цената на суровото млеко и тоа кај некои фармери до 1 денар додека кај други и до 3 денари. Изговорот бил дека има пад на квалитетот на суровото млеко.
Од Здружението на сточари „Пелагониско поле“ велат дека и кај нив стасале реакции од одгледувачи на крави кои добиле најави за пад на цената на суровото млеко. Но, од здружението велат дека потврда ќе имаат следните денови кога ќе стасаат кантарните белешки за откупеното млеко од месец декември.
„Имаме најави за намалување на откупната цена на млекото кај одредени млекарници, дали ќе остане на најава или ќе се исполни намерата најдобро ќе кажеме за неколку дена кога по преземањето на млекото ќе ги добиеме кантарните белешки како доказ“, изјави за „Зелена берза“, Тони Петковски сточар од Велушина, претставник на здружението „Пелагониско поле“.
Сточарот Борче Бучински од Могила, има 8 крави, 3 јуници и две телиња. Месечно на откуп дава 2,5 тони млеко, односно годишно во просек околу 30 тони млеко.
„Состојбата во сточарството е катастрофална, еднаш го намаливме сточниот фонд на половина од она што го одгледувавме, стотици фармери се откажаа од шталите, сега со оваа откупна цена на млекото уште еднаш ќе имаме преполовување на стоката. Јас за литар предадено млеко земам 31 денар плус премија од државата 6 денари. Со овие пари е неиздржливо да се чува стока. Струјата поскапува, водата, нафтата, сите трошоци растат, само ние сточарите тониме. Цената на млекото за сточарите се намалува, а во маркетите каде се продава ‘хемија’ наместо млеко расте“, изјави сточарот Бучински за „Зелена берза“.
Тој напоменува дека намалена е и субвенцијата што државата ја дава за грло крава, порано беше 12 илјади денари по грло, сега 8 илјади денари.
Од млекарници со кои разговаравме велат дека цената на суровото млеко се движи околу 50 евро центи, а самата пазарна економија диктира намалување или зголемување на цената на млекото. Од млекарниците велат дека и фармерите треба да го задржат квалитетот на суровото млеко во смисла на протеини, масти, чистота на фармите…
„Во летото имаше пад на цената на суровото млеко, но потоа цените се стабилизираа, можеби дел од млекарниците ќе направат повторно намалување, но дел од нас не. Ќе ги задржиме цените зошто имаме стабилни кооперанти со стандардно квалитетно млеко. Треба да се земе предвид и фактот што од Унгарија се увезува квалитетно млеко како готов производ за 47 до 48 евро центи по литар, а има увоз и на млеко од Србија, Бугарија и други земји од окружувањето. Секоја млекарница сама за себе одлучува како ќе постапи со откупот на суровото млеко“, вели наш соговорник претставник на млекарница.
Сточарите со месеци критикуваат и за неисплатата на премијата за млекото. Тука се засегнати не само краварите, туку и овчарите и козарите.
Во летото за одгледувачите на крави беше исплатена премија од 6 денари по литар предадено млеко во откупувачки центри за 2025 година, ама има различни ситуации. Кај едни сточари имаше премија за два месеци (јануари и февруари), кај други за три, вклучително и за март, а на трети сточари пак, не им беше исплатен ни денар откако имаа контроли на фармите од надлежни институции.
И сега сточарите се гласни дека премијата за млекото за првите 6 месеци од 2025 година треба веднаш да се исплати или доисплати, оти веќе за исплата стаса и втората половина од годината.
„Зарем пак ќе чекаме со години да се исплатат субвенциите? За еден месец ќе заврши годината и пак ќе треба да исплатат субвенции за кравите по грло. Веќе е неиздржливо трошоците растат, поврат на парите нема“, се жали Бучински.
И одгледувачите на овци секој ден притискаат и си ги бараат заостанатите субвенции за грло овца за 2024 година. Државата им должи уште 1400 денари по грло, оти лани им исплати само по 600 денари од овца.
Министерот Цветан Трипуновски пред два дена оствари средба со сточарите за како што рече актуелните состојби во секторот.
„Разменивме мислења за предизвиците со кои се соочуваат, но и ги сослушавме нивните барања во делот на креирање на мерките за Програмите за финансиска поддршка во делот на сточарството за 2026 година.
Остануваме отворени за соработка и во наредниот период ќе оствариме дополнителна средба се со цел заеднички да работиме на создавање услови за развој на овчарството како еден од главните столбови на сточарството“, објави министерот Трипуновски и не кажа кога ќе бидат исплатени заостанатите субвенции за сточарите.
Анета Блажевска






