fbpx
Вести

Освен кучињата и мачките, педигре добиваат и кравите, овците и козите

При купување на крава или свиња во иднина ќе се добива и педигре за животното. Писменото потекло ќе биде показател колку млеко може да се добие од кравите или овците, колку месо дале нивните мајка или татко или колку волна има овцата. Министерството за земјоделство објави оглас со кој се бара фирма која ќе води матично книговодство за нив, а во која треба да има вработено најмалку пет лица доктори на науки по биотехнологија, добиточно производство и пчеларство и да има вработено лица дипломирани инженери по сточарство. Задача на фирмата ќе биде обезбедување матично книговодство, утврдување на генскиот квалитет на стоката и на приносот во сточарството. Освен млечноста, со матичното книговодство ќе се знае кои животни каде се одгледуваат и во која одгледувачница што може да се купи.

osven kuchinjata i machkite pedigre dobivaat i kravite ovcite i kozite

 

Експертите велат дека со матичното книговодство ќе се стави ред во сточарството и ќе се знае што се одгледува или купува. Односно, тој што продава, ќе знае што нуди, а тој што купува, ќе добива писмени информации какви се карактеристиките на животното што го купува, какви генски предиспозиции има и што се добива од одредена раса. Па, така, ако се сакате крава со повисока млечност, точно ќе се знаете од која одгледувачница да ја купите.

Земјоделците велат дека на овој начин ќе се зачуваат домашните раси.

– Досега „бушата“ и „праменката“ постојано се мешаа со други раси. Речиси е невозможно да се најде чиста раса. На овој начин ќе им се олесни и на тие што одгледуваат и на тие што купуваат – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.

Во Министерството за земјоделство велат дека со огласот во кој се бара фирма која ќе го води матичното книговодство на домашните животни, всушност, ќе се прави контрола на производните и репродуктивните својства на расплодни животни регистрирани и запишани во матичните книги на признатите организации на одгледувачи регистрирани во согласно со законот.

Според огласот, фирмата треба да има искуство за спроведување на матичното книговодство, утврдување на генскиот квалитет и приносот во сточарството. Од таму објаснуваат дека јавната услуга опфаќа активности во сите сегменти на сточарството. Во делот на говедарството треба да се воспостави и да се одржува матично книговодство, да се води евиденција за испитувања извршени за утврдување на генскиот квалитет или принос во говедарството.

Во исто време треба да се води контрола на млечност, на квалитетот на млеко, на репродуктивните особини, но и на надворешните особини на самите животни. Во делот на овчарството исто така треба да се впишат сите производители на овци, да се води сметка за видот и за приносот на млеко и на месо на секое стадо, но и да се запишува квалитетот на млекото. Тоа се бара и за козарското производство. Што се однесува до свињарството, тука ќе мора да се запишуваат и да се контролираат педигре-базите, да има контрола и следење на репродуктивните особини според одгледувачки цели и слично. Kај пчеларството ќе се следи и ќе се запишува генскиот квалитет, а ќе се контролираат развојот, динамиката и јачината на пчелното семејство со број на ќелии со легло и со број на пчели-работнички.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close