Веќе десет дена трае откупот на жолтото злато. Големите откупувачи велат дека ќе ги преземат сите количества. Тутунарите бараат реални цени. Премиерот Заев и министерот за земјоделство Николовски во посета на откупниот пункт во Прилеп. Најавени повисоки субвенции…
Тутунот е квалитетен и постигнуваме добра цена, велат тутунарите кои на вагите на откупниот пункт на прилепскиот Тутунски комбинат ја следат проценката нивниот труд.
Откупот се одвива непречено. Просечната цена е 209,5 денари и тутунарите имаат достоинствена валоризација на трудот. Субвенциите ќе стигнат навреме и со нив годинашниот просек е 269 денари, констатира премиерот Зоран Заев, кој денеска беше на откупните пунктови на Сокотаб во Кривогаштани и во Прилепскиот комбинат.
Најбитно е да се стимулира побарувачката на тутун со што ќе се зголеми и цената. Ќе се стабилизираат состојбите во комбинатот со целосна трансформација, а во земјава за наредната реколта влегува и нов откупувач од Грција.
За новата реколта со законските измени, субвенциите ќе бидат по 80 денари за прва, 70 за втора и по 60 денари за другите класи тутун.
Во земјава од тутун егзистираат 30.000 семејства. Инаку, досега се откупени две третини од реколтата, односно преку 17.000 тони.