fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Запленетите риби одат во затвор, а на мени на затворениците и месо од најдени животни

Се работи за големо количество риба, која се запленува во акциите на Државниот инспекторат за земјоделство

Запленетите риби од македонските езера и реки завршуваат на менито во затворите. Се работи за големо количество риба, која се запленува во акциите на Државниот инспекторат за земјоделство и која доколку нема концесионер се проследува во натамошна процедура, според која уловот најчесто  завршува во затворските установи низ државава.

Освен рибите во затворите одат и овошјето и зеленчукот кој се запленети од инспекторите на ДИЗ. Во оваа и во други државни институции оди и месото што се добива од запленетите животни кои се во добра здравствена состојба. Што се однесува, пак, до храната што се одзема од кој било вид и од која било инспекциска служба веднаш се уништува. Како што објаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство, бидејќи се работи за еден нелегитимен пат на транспорт, тргување… кај нас таа храна веднаш влегува во категоријата „небезбеден производ“ и оди на уништување.

Инспекторите на Државниот инспекторат за земјоделство деновиве во акција за сузбивање на нелегалниот риболов на Преспанското Езеро запленија околу 70 килограми риба. Оваа риба, како што изјави за весникот ВЕЧЕР, директорот на ДИЗ, Зоран Шапуриќ, ќе ја земе концесионерот.

-Рибата што ја запленуваме најчесто оди во затворите, доколку нема концесионер. Односно целата одземена риба прво оди во Агенција за управување со одземен имот, а потоа оттаму оди во затворите и во другите државни институции. Иста е ситуацијата и со запленетото овошје и зеленчук. Ова се однесува за оние реки, езера… каде што нема концесионер, додека пак онаму каде што има концесионер запленетата риба оди кај концесионерот, појасни Шапуриќ.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека доколку се работи за живи животни кој се запленети (свињи, крави, кокошки…н.з.) тие прво одат во карантин, а потоа за нив одлучува Агенцијата за одземен имот. Тие понатаму одат во некое одгледувалиште на чување или се враќаат на сопствениците доколку се познати, а ако е непознат во зависност од состојбата на животните може да оди во ланецот на исхрана, односно да се даде на одредени државни институции, затвори, домови за деца…

-Ако се утврдат некои недоследности од страна на инспекторите, без разлика дали се тоа животни, риба, храна… институцијата која го води тоа должна е да повика наш инспектор. Ако се работи за животни треба да се утврдува здравствената состојба на животното и се упатува во надлежност на Агенцијата за одземен имот. Овие животни понатаму може да се вклучат во ланецот на исхрана доколку нивната здравствена состојба е добра, а не се знае кој е сопственикот. Доколку се во лоша здравствена состојба тогаш се врши нивна евтаназија и одат во сточните јами. Од една страна треба да имаме хуман однос кон живите животни, но од друга страна не сакаме во ниеден случај без разлика за кој тип на потрошувачи се работи небезбеден производ да стигне на која било трпеза, посебно таму каде има недефинирано потекло, изјави за ВЕЧЕР директорот на Агенцијата за храна, Николче Бабовски.

Тој објаснува дека храната што се запленува од кој било вид и од која било инспекциска служба веднаш се уништува, бидејќи се работи за еден нелегитимен пат на транспорт, тргување… Кај нас ваквите производи веднаш ги ставаме во категорија „небезбеден производ“ кој оди на уништување.https://www.vecer.press/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close