вести

Отворена првата училишна градина во која децата сами ќе произведуваат храна

Како да се произведе храна без да се наруши животната средина, да се намалат отпадоците и да се стекнат нови, поздрави навики на исхрана, ќе учат децата од скопско Бардовци во првата школска градина што беше отворена вчера по повод 16 Октомври, Светскиот ден на храната.

Градината лоцирана во ООУ „Аврам Писевски“, на 11 метри квадратни, претставува вид лабораторија на отворено и е прва од ваков тип во Македонија. Ја создадоа членовите на Слоу фуд Водно со поддршка на ФАО. Засега во неа има растенија кои може да ја поминат зимата без покривка, нане, лаванда, жалфија, рузмарин и босилек, а напролет ќе се поседат и зеленчуци, па дури и овошје.

– Вакви училишни градини за производство на храна ни се потребни во сите училишта како дополнителен импулс за едукација на децата. Тие може да бидат најдобрите амбасадори на здравите навики и практики на исхрана, истакна министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Поддршка најави и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоевски, поздравувајќи ја креативноста на тимот што ја покрена и спроведе ваквата иницијатива. – Една од нашите основни цели е најмладите да ги научиме здраво да се хранат и да ја заштитуваат животната средина, потенцира Богоевски.

Директорката на училиштето Матилда Бејкова напомена дека градината е место каде децата ќе учат директно во природа и ќе ја градат својата свест за здравата храна.

– Сите ученици од ова училиште, освен што ја заштитуваат животната средина, се и претставници на иднината. Сите вредно работеа и таа пракса ќе ја продолжиме. Градината е поделена, а во жаридињерите ќе се садат зачински и билки за јадење, изјави Бејкова.

Според постојаниот координатор на ОН Луиза Винтон, необично е во Македонија која изобилува со храна, да се зборува за глад, но факт е дека тоа постои и дека има луѓе кои живеат на маргините и гладуваат. Винтон нагласи дека годинашното мото на Светскиот ден е „Свет без глад“.

– Училишните градини се училници на иднината кои можат многу да помогнат да се зголеми знаењето, љубовта и почитта на младите генерации кон производството на храна и здравата исхрана, со посветеност кон животната средина и грижата за заедницата, смета Василка Стефановска од Слоу Фуд Водно.

Растенијата што се сега насадени во училишната градина во „Аврам Писевски“ овозможуваат заштита од инсекти, но и за збогатување на почвата со потребните минерали.

– Лукот со своите антисептички и фунгицидни својства ги заштитува корените на растенијата, а босилекот ги брка сите летачки инсекти. Во градината има пасивен систем за самонаѓубрување и самонаводнување, односно систем на перфорирани цевки во кои има калифорниски црви. Во цевките ќе се фрла целиот органски отпад што ќе се создава во градината со малку вода. Црвите ќе имаат можност да го обработат во хумус и да го разнесат низ целата градина, што е и вид пасивно орање и обработување на почвата, објасни Катерина Јордановска од Слоу фуд Водно.

Училишната градина во ООУ „Аврам Писевски“ е дел од прокетот „Училишни градини – училници на иднината”, поддржан од Град Скопје. Предвидено е, ако се обезбедат средства, градини да се направат во вкупно осум скопски училишта.

На настанот учествуваа и активисти од здружението „Ајде Македонија“ кое денеска, по повод Светскиот ден на храната, низ десет градови во Македонија ја организираат акцијата „Нахрани 10.000“.


 

а1он

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close