fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Овчеполското јагне, валандовскиот чурек и прилепскиот ширден на светскиот салон во Торино

Можно е да се обноват напуштените планински области преку одржливо одгледување и развој на сточарството со кое ќе се промени депопулацијата на висорамнините – велат од „Слоу фуд“.

Во Торино, Италија, од 22 до 26 септември се одржува најголемиот собир на мрежата на светската организација за земјоделство и храна „Слоу фуд“ – „Тера мадре дел густо“. Годинава овој биенален настан се случува во паркот „Дора“, кој претставува поранешна индустриска зона, а фокусот на годинашното издание е регенерацијата.
Регенерирањето не значи обнова, туку повторно раѓање. Регенерацијата, според „Слоу фуд“, е трансверзална тема: исто како што дрвото изгубило една од своите гранки, но таа може пак да порасне, така и почвата што е осиромашена од монокултури и хемиски средства може да се регенерира благодарение на земјоделските практики што ја негуваат обезбедувајќи хранливи култури, разновидна исхрана и достоинствен начин на живот. Исто така, можно е да се обноват напуштените планински области преку одржливо одгледување и развој на сточарството со кое ќе се промени депопулацијата на висорамнините – велат од „Слоу фуд“.

На ова четиринаесетто издание на „Тера мадре дел густо“ учествуваат 130 земји од светот, културата на храната ќе ја претстават 700 изложувачи, учествуваат 3.000 делегати, а меѓу нив е и македонскиот павилјон претставуван од „Слоу фуд Македонија“ и македонските конвивиуми. Македонската делегација ја сочинуваат педесетина члена, и тоа производители, универзитетски професори, агрономи, готвачи, новинари, едукатори и активисти за храна, а ќе бидат претставени неколку најавтентични македонски производи, како македонското јагне, кое е најпознат извозен македонски бренд во Италија, потоа ќе бидат презентирани и традиционални македонски сирења од сурово млеко, кои се дел од кампањата „Млеко“ на „Слоу фуд Македонија“, медот од македонската медоносна пчела Apis melifera macedoniaca, свадбарската валандовска погача чурек, прилепскиот ширден, слаткото од диви смокви и уште голем број автентични македонски производи.

„Слоу фуд“ сака да ги искористи енергијата и моќта на своето глобално движење со повторно обединување на производителите на храна и активистите од целиот свет во Торино. Целта на настанот е да се воспостави поинаква иднина за храната, иднина што се обликува преку секојдневниот избор на поединци во колективните напори на заедниците и во политиките на јавните и приватните институции – информираат од „Слоу фуд интернационал“.
Македонската делегација е поддржана од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Слоу фуд интернационал“, како и со поддршка на „Серта компани“ ДОО, Скопје и ЗЗ „Еко овчеполка“ и логистика на македонската заедница во регионот Пиемонт.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close